Тензиите дополнително се зголемија во последните неколку недели, бидејќи Бугарија го блокираше отворањето на разговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, зголемувајќи ги стравувањата дека може да им се придружи на Унгарија и Полска во нивните чести битки со Брисел и земјите-членки на Унијата.
Бугарскиот опозициски политичар Христо Иванов пренесуваше во живо на Фејсбук пред вилата на Црното Море во јули, кога тројца набилдани чувари го турнаа него и уште двајца активисти во вода. Тој продолжи да снима кога агентите на тајните служби се заканија дека ќе го потопат бродот што ги донесе активистите на имотот за кој се знае дека го користи Ахмет Доган, еден од водечките политички моќници во земјата. Илјадници луѓе гледаа во реално време како полицијата ја испрашува групата предводена од Иванов. Видеото, откако го прегледаа повеќе од 1,2 милиони луѓе, предизвика повеќенеделни протести низ целата земја против „политичките дружби”. Противниците на владата на Бојко Борисов обвинуваат дека тоа е микрокосмос на бугарските проблеми со корупцијата и владеењето на правото, речиси 14 години откако земјата се приклучи на ЕУ.
Политичките потешкотии на Борисов, исто така, отвораат тешки прашања за Брисел и другите земји на ЕУ. Критичарите велат дека не успеале да извршат доволен притисок врз Софија за подобрување на владеењето на правото и управувањето со земјата. Тензиите дополнително се зголемија во последните неколку недели, бидејќи Бугарија го блокираше отворањето на разговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ, зголемувајќи ги стравувањата дека може да им се придружи на Унгарија и Полска во нивните чести битки со Брисел и земјите-членки на Унијата.
Бугарија доби милијарди евра од ЕУ откако се приклучи во 2007 година. Симеон Џанков, бугарски економист и виш соработник во Институтот за меѓународна економија во Петерсон, вели дека парите што се слеале во најсиромашната држава на ЕУ се дел од проблемот.
„Фондовите на ЕУ всушност ги зголемија корупцијата и заробувањето на државата”, вели Џанков, кој беше министер за финансии за време на првиот мандат на Борисов, од 2009 до 2013 година. „Особено, оние кои беа користени за купување, директно или преку проекти, на многу. медиуми и со тоа да се обезбеди покритие за политичарите”, вели Џанков.
Кога Бугарија се приклучи на ЕУ заедно со Романија, двете земји беа подложени на посебен мониторинг на владеењто на правото и управувањето на државата. Букурешт првично постигна силен напредок во борбата против корупцијата, но во 2018 година предизвика силни критики од Брисел за нападот врз независноста на судството, монтиран од тогаш владејачките социјалдемократи во земјата. Проблемите во Бугарија привлекоа помалку внимание, а некои дипломати сугерираа дека Брисел не сакаше да ги критикува истовремено и двете членки од класата 2007 година.
„Бугарија и Романија веќе многу години добиваат слободен карта”, вели Џанков. Тој додава дека поради финансиската криза во 2008 година и миграциската криза во 2015 година, никогаш не било време ЕУ навистина да размисли за проблемите.
Портпарол на Комисијата рече дека извештајот минатата година открива дека „Бугарија направи доволно напредок за да ги исполни своите заложби при пристапувањето кон ЕУ”. Сепак, истакна портпаролот, „подеднакво е јасно дека сè уште има недовршени работи”.
Но, по промената на владата во Букурешт во 2019 година – и во услови на зголемена вознемиреност за авторитарното владеење во централна и источна Европа – центарот на вниманието се насочи кон Софија. Во неодамнешниот извештај за владеењето на правото во Бугарија, Европската комисија изрази загриженост во врска со нетранспарентната сопственост на медиумите, притисоците врз новинарите и новиот предлог закон за странско финансирање на невладини организации. Во јуни, Европскиот суд на правдата утврди дека сличен закон во Унгарија е некомпатибилен со основните права на ЕУ.
Комисијата исто така објави дека „останува да се потврдат убедливите тврдења за случаи на корупција на високо ниво”. Понатаму, беше нотирано дека „недостатокот на резултати во борбата против корупцијата е еден од клучните аспекти за покренување на протестите во летото 2020 година”.
Бугарија постојано е земја на ЕУ со најнизок рејтинг во Индексот на перцепција на корупција на Транспаренси Интернешнл и падна во рангирањето на слободата на медиумите од влезот во ЕУ. Четири петини од граѓаните сметаат дека корупцијата е широко распространета.
Обвинителите во шпанскиот регион Каталонија истражуваат случај за перење пари со можни врски со г. Борисов, кој служеше како телохранител на поранешниот комунистички диктатор Тодор Живков пред да влезе во политиката. Бугарскиот премиер ги негираше обвинувањата против него. Неодамна, се појавија фотографии од маса во домот на Борисов, на кои се гледаат пиштол и банкноти од 500 евра во вкупна вредност од околу еден милион евра. Борисов признава дека поседувал пиштол, но вели дека фотографиите биле изманипулирани.
Во меѓувреме, владата на Борисов исто така е под притисок поради неодамнешното спротивставување на започнувањето на разговорите за пристапување на Северна Македонија кон ЕУ.
„Тие сметаа дека г-дин Борисов ќе го води овој процес”, вели Весела Чернева, директор на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Бугарија. „Ова го става во опасност европскиот проект на начин кој е без преседан”, додава Чернева.
Венецијанската комисија на Советот на Европа неодамна исто така го вклучи алармот за уставните измени, поддржани од партијата ГЕРБ на Борисов, со кои ќе се зголеми моќта на генералниот обвинител и ќе се намали на претседателот на државата и на министерот за правда. Главниот обвинител Иван Гешев се смета за близок соработник на Борисов. Претседателот на Бугарија Румен Радев им се спротивстави и на двајцата.
Џанков вели дека Брисел предоцна ја сфаќа опасноста од бугарската корупција. „Брисел треба да биде убеден дека доколку не се стори нешто сега, Бугарија и Борисов ќе се приклучат во редовите на Јарослав Качински (Полска) и Виктор Орбан (Унгарија), што ќе биде загрижувачко”, смета Џанков.
Христо Иванов по бегството со бродот во Црното Море, за Фајненшл тајмс изјави дека Борисов успеа да напредува на европско ниво затоа што остана во конзервативната мејнстрим – ГЕРБ припаѓа на десноцентристичката групација во Европскиот парламент. Тој не користи нелиберална реторика како што прават Будимпешта и Варшава. Но, сега, вели Иванов, Бугарија се гледа како „дел од поголема шема на корупција и популизам, кој премногу добро се пробива низ вените на европското донесување одлуки”.