Препораката за монетарната политика во глобални рамки е да остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување сѐ додека трае фазата на неизвесност, но и фазата во која пандемијата ќе биде ставена под контрола. И ние како централна банка ќе се водиме од ваквата препорака, ама водејќи сметка и за специфичноста на нашата монетарна стратегија и одржувајќи го девизниот курс како номинално сидро. Ова го истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во своето поздравно обраќање на 25. годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ Македонија, коешто се одржа во петокот. Во обраќањето, гувернерката посочи дека од март наваму, Народната банка интервенираше на девизниот пазар со продажба на девизи, но дека во последните месеци интервенциите се значително поумерени. Притоа истакна и дека девизните резерви се на високо и конфорно ниво коешто овозможува задржување на тековната релаксирана поставеност.
„Основната каматна стапка сѐ уште е во позитивна зона, а со тоа и маргината во однос на ЕЦБ останува позитивна. Сепак, со оглед на спецификата на нашиот монетарен режим, јасно е дека за нас не важи нултата долна номинална граница и оттаму и дополнителниот простор не е е неограничен. Ова се однесува и на емисијата на дополнителна ликвидност, којашто секако е алтернатива доколку е потребно, но до онаа точка до којашто тоа не би предизвикало притисок на девизниот пазар.” – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Таа се осврна и на предизвиците поврзани со финансиските пазари во изминатиот период, како и на очекувањата за периодот што претстои.
„Неизвесноста и ризиците за глобалните економски текови, но и за глобалните финансиски пазари останува невообичаено висока, имајќи ја предвид неможноста да се предвиди траекторијата на здравствената криза. Оттаму останува потребата и ние како носители на политиките, а секако и вие како пазарни учесници да бидеме внимателни при носењето на одлуките и соодветно да управуваме со предизвиците пред нас.” – порача гувернерката во завршницата на своето обраќање.