Eпидемилогот Дрaган Даниловски во гостување на „Студио 10“ на ТВ24 предложи викенд-карантин како опција за намалување на бројот на заболени и починати од ковид-19, но и предупреди за дополнителниот ризик кој го носат претстојните слави и апелираше да се почитуваат мерките.
-Начинот за да се намали бројот на позитивни и починати е со спроведување на 24 часовен карантин, полициски час од 24 часа во траење од еден викенд, ако треба и да се повторува, со што ќе се спушти нивото на позитивни, а со тоа и бројот на починати. Дали ќе биде тоа спроведено зависи од проценките на одговорните колеги во Комисијата за заразни болести којашто го советува министерот. Со вакво темпо, ако продолжиме и со овие мерки, стагнирана е состојбата на просечен број нови случаи на 1 000. Според една студија реалниот број на позитивни е 10 пати повисок, тоа значи дека се 10 000 дневно. 60 отсто од населението треба да имаат контакт со вирусот за да се обезбеди она што се вика праг на колективниот имунитет за епидемијата да почне да згаснува. Со оваа динамика, милион жители ќе бидат инфицирани отприлика за 90 дена, тоа е месец март. Ако со краткотрајни карантини го смалиме интензитетот за 70 отсто, наместо 1 000 просечно да имаме 300 новозаболени, тогаш пропорционално и периодот за којшто би се постигнал колективниот имунитет се продолжува за два месеци, накај месец јуни. До Комисијата е да одлучи кое сценарио ќе го одбере, вели Даниловски.
Според него најлесно може да се реши проблемот со тринеделен карантин, но дека тоа може да донесе други последици како раст на сиромаштија, психички заболувања, самоубиства и сл.
-Имаме ситуација во која што некаде околу 60 отсто од вработените во приватниот сектор се во угостителскиот сектор и услужните дејности. Некаде 22 осто од населението живее на граница на сиромаштија. Мерките што се преземаат не би требало да предизвикаат повеќе штета од она што го предизвикува причината заради која што се преземаат мерките. Мерките не се само здравствени, тие се и политички кои ги имаат предвид пошироките околности во смисла на тоа да не се предизвикаат во некое второ време економски, социолошки и психилошки проблеми. Да не се соочиме со немаштија, хронични заболувања, самоубиства, психички заболувања. Затоа мислам дека краткотраен „локдаун“ кој би се спроведувал во викенд не би наштетило премногу на економијата, а сепак би имало влијание врз намалување на бројот на позитивни и бројот на починати, вели Даниловски.
Даниловски посочи дека дополнителен ризик носат претстојните слави и апелираше да се почитуваат мерките. Тој додаде и дека треба да се зајакне контролата врз оние што ги кршат мерките за заштита.
-Народот е тој што е, менталитетот е тој. Постои отсуство на епматија, на сочувство, на совест. Независно што се на сила одредени мерки на рестрикција, имам впечаток дека нема адекватна контрола, сведоци сме на полни кафулиња, собири, журки. Тоа е нешто што не може преку ноќ да се смени во свеста на граѓаните особено на младите. Пандемијата ги изврши на површина сите недостатоци и во иден период полни раце работа ќе имаат не само докторите туку и психолози, социолози да проучат да дојдат до причините и факторите што доведуваат до отсуство на емпатија. Се плашам дека славите ќе донесат нови ризици и апелирам славите чествувањата да бидат со високо на ниво на свест. Храмовите се отворени, но и црковните великодостојници повикаа дека во црква треба да се влезе во маска. Ако со малку повеќе внимание и контрола верувам дека нема скапо да не чини, вели Даниловски.