Радик Тагиров, 38-годишниот жител на рускиот град Казан, кој денеска беше осомничен за убиството на 26 постари жени во 12 региони од земјата, ги призна своите злосторства, а снимката со неговото признание ја објави руското Министерство за внатрешни работи на Русија.
Во ужасната исповед пред полициските истражители, убиецот кажува дека жртвите ги избирал меѓу постарите жени на пазарите или супермаркетите, дека им нудел помош за да им ги носи кесите со намирници, а кога тие ќе го поканеле да влезе кај нив дома за да се одмори, тогаш ги давел и им ги крадел парите.
Во разговорот со иследниците Тагиров не можел да се сети колку точно жени имал убиено.
Во полициската евиденција Тагиров бил заведен како механичар, кој бил осуден за кражба во 2009 година.
Претставникот на истражниот тим, Светлана Петренко, изјави дека овој масовен убиец е пронајден по споредбената анализа на повеќе од 10.000 ДНК примероци и бил уапсен во неговиот стан во Казан, пренесува Тасс.
Сите злосторства биле извршени во текот на 2011 и 2012 година.