Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и државната секретарка Магдалена Несторовска денеска имаа средба со Претставникот на УНИЦЕФ во Република Северна Македонија г-ѓа Патриција Ди Џовани. На средбата се разгледуваше досегашната и идната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава.
Министерот Спасовски истакна дека покрај размената на информации и гледишта во делот на досегашната соработка заедно со своите најблиски соработници ќе се заложат кон нејзино унапредување во иднина и во таа насока беа разгледани неколку предлози меѓу кои и усогласувањето на законодавството со ЕУ и меѓународните стандарди, соработката во однос на делот на заштитата од насилство преку интернет, сместувањето на децата странци, меѓуресорската соработка, како и работата на меѓусекторските тимови, особено во контекст на заложбите на Владата за постепено ставање на крај на насилството врз децата и нивна заштита.
Министерот Спасовски исто така изрази и задоволство од досегашната успешна взаемна соработка.
Од двете страни, беше изразена отвореност за соработка преку различни форми, а особено преку проектот поддржан и од Европската унија за заштита на децата и реформите во правосудниот систем, во кој покрај МВР се инволвирани и повеќе други национални институции, вклучување на МВР во системот Мој термин на Министерството за здравство при случаи на насилство врз децата, дигитализација на работата на МВР. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и Претставникот на UNICEF во Република Северна Македонија г-ѓа Патриција Ди Џовани остануваат отворени за соработка, во полза на заедничката цел – заштитата на најмалите.