Првите две вакцини против новиот коронавирус би можеле да им бидат достапни на Американците пред Божиќ, изјави американскиот министер за здравство, Алекс Азар, откако компанијата „Модерна“ стана втор производител на вакцини што веројатно ќе биде овластен од американските здравствени власти, пренесува „Ројтерс“.
Азар рече дека вакцината на „Фајзер“ може да биде одобрена и доставена по 10 декември, по состанокот на експерти од американската Администрација за храна и лекови (ФДА), кои ќе ги проценат резултатите од клиничките испитувања и ќе одлучат дали вакцината заслужува зелено светло.
„Оваа вакцина може да биде одобрена и доставена за неколку дена, а вакцината на ‘Модерна’ би требало да биде потврдена една недела подоцна“, рече Азар.
Тој, исто така, потсети дека американската компанија за биотехнологија „Модерна“ соопшти дека поднела барање до регулаторите во САД и Европа итно да ја одобрат вакцината против коронавирус.
Вакцината на „Модерна“ се покажа како многу ефикасна во заштитата на луѓето од Ковид-19 за време на клиничките испитувања, со ефективност од 94,1 процент.