Британскиот министер за култура Оливер Доуден побара од Нетфликс да вметне известување за гледачите – на почетокот на секоја епизода од серијата „Круна” (The Crown), дека станува збор за измислена приказна, затоа што, според него, помладите гледачи можеби ќе помислат дека тоа се факти.
Ова уследи по стравувањата дека серијата може да направи долгорочна штета на угледот на британското кралско семејство. А, и братот на покојната принцеза Дијана, Чарлс Спенсер за Ај-ти-ви минатата недела изјави дека смета дека е потребно да се стави таква назнака. Некои историчари го критикуваа нивниот предлог, сметајќи го за непотребен. Нетфликс нема навика да ги предупредува гледачите дека сериите и филмовите што ги прикажува се фикции.
Министерот за британското списание „Мејл он Сандеј” изјави дека тоа е несомнено „многу убаво произведено фиктивно дело, како и сите други продукции на Нетфликс”, но дека стрим-платформата треба јасно да посочи пред емитувањето на секоја епизода дека станува збор за измислени настани.
– Се плашам дека без такво известување, генерациите гледачи кои не живееја во времето на спомнатите настани, можат да ја заменат фикцијата со реалноста и да ја согледаат како вистина, додаде Доуден.
Новата, четврта сезона на серијата „Круна”, која почна да се прикажува на Нетфликс кон средината на ноември, го прикажува бурниот период од владеењето на кралицата Елизабета Втора, пропаста на бракот меѓу принцот Чарлс и Дијана, и продолжувањето на љубовната врска на принцот со Камила Паркер-Боулс од времето на бракот со Дијана. Се спомнуваат и британската премиерка Маргарет Тачер, проблемите со психичкото здравје на сестрата на кралицата, принцезата Маргарет и односите на кралицата со нејзиниот сопруг, принцот Филип и нивните деца.
И неколку кралски биографи и новинари претходно ја критикуваа серијата за отстапување од фактите. Нејзиниот автор Питер Морган пак, никогаш не тврдеше дека содржината е целосно точна и вистинита.