Проценката е дека епидемиолошката слика не дозволува укинување на карантинот, сметаат грчки епидемиолози во интервјуата за медиумите во Грција и предупредуваат дека олабавувањето на рестриктивните мерки треба да биде барем една седмица подоцна, односно на 14 декември Карантинот во Грција минатата седмица беше продолжен до 7 декември, а голема е веројатноста да има и ново продолжување за уште една седмица, односно до 14 декември.
Претседателот на лекарската комора на Грција и член на надлежната комисија Атанасиос Ексадактилос за телевизијата „Антена” вели дека не може со 600 пациенти приклучени на апарати да има укинување на рестрикциите.
– Ќе треба бројката од 600 кои се на апарати да се намали на двоцифрен број. Шесто е огромна бројка, поголема од бројот на кревети со кои земјата располагаше пред една или две години. Лани овој период имавме 550 кревети на Интензивна нега за сите, а сега само за Ковид-19 имаме 600. Овој број треба да се намали, а исто така да се намали и бројот на оние кои се лекуваат, кои се неколку илјади, вели Ексадактилос и објаснува дека надлежната комисија при Министерството за здравство на Грција не стигнала до одлука за продолжување на карантинот, но не ја исклучи можноста да се укине на 14, а не на 7 декември.
Со сличен став се и професорите по микробиологија и членови на комисијата на епидемиолози Атанасиос Цакрис и Алкивиадис Ватопулос, кои оценуваат дека е тешко карантинот да заврши следниот понеделник и веројатно сценарио е продолжување за една седмица.
Ватопулос за грчката телевизија „Скај” вели дека иако има намалување на новите случаи и рестрикциите носат резултат, сепак има време за укинување на мерките.
– За да кажеме дека сме сигурни да разговараме за отворање, треба да стигнеме на 300-500 случаи дневно, вели професорот и додава дека кон крајот од седмицава сликата ќе биде појасна за ситуацијата со пандемијата.
Токму кон крајот на седмицава се очекува грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да излезе со став дали на 7 декември ќе заврши карантинот или ќе биде продолжен.
Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, во интервју за радиото „Скај 100,3″ рече дека податоците ќе покажат во која насока оди пандемијата, но и дека е потребно малку време.
Во Грција вчера беа регистрирани 1.044 нови случаи на Ковид-19, починаа 85 лица, а 600 пациенти се приклучени на апарати.