Иранските власти предложија нацрт-закон со кој се овозможува 20-процентно збогатување на ураниум и се отстрануваат другите ограничувања на нуклеарната програма на земјата, кои беа воведени со договорот од 2015 година, освен ако неговите потписници не ги укинат санкциите воведени кон Иран.
За предлог-законот гласаа 251 од 290 пратеници, а за да биде усвоен, законот треба да добие уште едно одобрување од Парламентот, како и одобрување од уставното тело за надзор.
Предлог-законот овозможува збогатување на ураниум до 20 проценти, што е помалку отколку што се користи во производството на нуклеарно оружје, но повеќе од потребното за цивилна употреба.
Законот предвидува и инсталирање на нови центрифуги во нуклеарните капацитети Натанзу и Фордо.
Предлог-законот предвидува рок од три месеци за европските земји да ги укинат санкциите воведени против иранскиот нафтен и гасен сектор и да го вратат пристапот до меѓународниот банкарски систем.
САД воведоа санкции кон Иран откако претседателот Доналд Трамп еднострано се повлече од договорот, што доведе до низа судири меѓу двете страни.
Законот по првпат беше ставен пред парламентот во август, но повторно се актуелизираше по убиството на научникот Мохсен Фахризадех, кој водеше програма за која Израел и САД тврдеа дека е воена операција чија цел е да се утврди изводливоста за производство на нуклеарно оружје.
Меѓународната агенција за атомска енергија тврди дека програмата завршила во 2003 година, а американските разузнавачки агенции се согласиле со тоа во извештајот од 2007 година.
Иран го обвини Израел за убиство на научникот, а властите во оваа земја одбија да го коментираат случајот, за кој никој досега не презеде одговорност.
Техеран отворено почна да збогатува ураниум над нивоата предвидени со договорот од 2015 година по повторното воведување на санкциите од страна на САД.