Разговараме за практичен патоказ за имплементација на членовите од Договорот за добрососедство со Бугарија, изјави вечерва Зоран Попов, државен секретар од МНР, кој е дел од преговарачкиот тим со соседна Бугарија.
Нема никакви тајни преговори, рече Попов, нагласувајќи дека има континуирани преговори со бугарското МНР.
– Формата се уште не е утврдена. Се разговара за документ, ќе видиме дали тоа ќе биде меморандум или протокол кон имплементација на Договорот. Патоказот е еден дел од разговорите кои се во тек и тука нема никакви тајни работи или детали. Можам да кажам дека патоказот се однесува на забрзана имплементација на Договорот за добрососедство и соработка во различни области – економија, образование, одбрана, култура, животна средина и така натаму, изјави Попов, во гостувањето на телевизија Телма.
Како преговарачки тим под раководство на премиерот, нагласи Попов, никој, ниту во еден момент не прифатил разговори кои се однесуваат на македонскиот јазик и идентитет.
Секоја сериозна држава, според Попов, треба да има унифициран став на позицијата и опозицијата за клучните прашања за иднината на државата, но дека за жал досега од страна на опозицијата не видовме став по ниту едно клучно прашање во ова смисла.
– Значи, само зборувам и наведувам факти, лидерот на опозицијата на течен бугарски јазик и г. Борисов му гарантираше дека ќе го имплементира Договорот за добрососедство и соработка. Многу добро знам што значи унифициран став и колку е тоа добро за државата. За жал, во овој момент таа поддршка од страна на опозицијата ја нема, изјави Попов.
Во однос на тоа дали е можно да се случи потпишување на некоков анекс на договорот пред министерскиот состанок, Попов, рече дека не разговараат под притисок.
– Доколку и двете страни се задоволни од текстот на договорот, и постигнеме Договор кој го заштитува нашиот интерес, ние тоа јавно ќе го објавиме… Не, во моментот течат преговори и не можам да изнесам повеќе детали за да не го нарушам преговарачкиот процес, изјави Попов.
За назначување на Владо Бучковски за специјален претставник за Бугарија, Попов рече дека тоа е јасен показател и недвосмислен сигнал за сериозноста и посветеноста на нашата Влада во инвестирање на добрососедски односи со Бугарија.