Во Министерството за правда во тек е формирање работна група која ќе треба да работи на измени на Изборниот законик со цел да се овозможи организирање избори во кои ќе имаат доверба сите граѓани. Ќе треба да се вградат сите препораки од ОБСЕ-ОДИХР од поледните избори но може и да се размислува за промена на изборниот модел. Работната група треба да содржи 12 членови, од кои шест треба да бидат делегирани од политичките партии, а ќе има претставници и од ДИК, ОБСЕ, МОСТ, ИФЕС, СЕП и НДИ.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски смета дека треба да се прекине со праксата за чести и измени кои се праваат непосредно пред одржувањето избори, оти на таков начин се доведуваме во ситуација да има одредби кои се во тотална спротивставеност едни со други, иако се дел од Законикот. Сето ова, според него, оневозможува нивна доследна примена, а со тоа и се нарушува процесот на организација.
– Апелирам да се промени праксата за измена на Изборниот законик често и во 5 до 12, за да им се даде на изборните органи вистински да го организираат процесот. Најголема слабост кај нас е довербата кон институциите и мораме да го јакнеме нивниот капацитет и чист добар изборен законик кој нема да отвора дилеми во организација и споведување на изборите, нагласи Деркоски на панел дискусијата „Изборни реформи: Желбите наспроти реалноста” во организација на ЦИВИЛ во рамки на Фестивалот на слободата.
За тоа каков изборен модел ќе биде избран, рече претседателот на ДИК, одлучуваат политичките чинители.
Тој смета дека има време да се изготви целосно нов изборен законик и тој да биде готов пред одржувањето на локалните избори што треба да се организираат идната година.
Радмила Лазареска Геровска од Министерство за правда потврди дека во Министерството се работи на формирање работна група, но, потенцира дека иако во неа треба да има претставници од политичките партии тие се уште не ги делегирале. Се надева дека тоа ќе го направат до средината на декември, по што, како што рече, би можел да почне процесот на изготвување. Таа нагласи дека најверојатно ќе се работи потворно само на измени на Изборниот законик.
– Мандат на работната група ќе биде да се имплементираат сите препораки што беа во последниот Извештај од предвремините парламентарни избори и да се размислува за промена на изборниот модел, рече Лазареска-Геровска.
Дека има неусогласености во законските одредби смета и Катица Николовска од Државната комисија за спречување корупција, посочувајќи го примерот во делот на финансирање на политички партии.
– Последните измените направија такви недоразбирања и неусогласеност на самите одредби што на пример за финанирање политички партии се дозволи покрај средства од наменска сметка да можат да се користат и средствата од редовните сметки. Настана мешаница во висината на износите што едноставно на мала врата се дозволи за изборни цели да се користат разнични износи на средства кои ги уплаќаат правните и физичките лица, рече таа.
Учесниците на трибината, меѓу другото, апалираа да се обрне внимание и во иднина да нема проблеми со системот за прибирање и презентација на резултатите, што, како што посочија, во голем дел ја нарушува довербата на граѓаните во процесот. Побараа и да се овозможи вклучување на лицата со посебни потреби во политичкиот живот, односно да имаат право да бираат и да бидат бирани.