Лекари и медицински сестри од Воено медицинскиот центар (ВМЦ) и студенти кои се на шеста година студии на Медицинскиот факултет во Скопје, од денеска почнаа да волонтираат во ковид-центрите во Скопје. Првата група лекари и медицински сестри веќе е вклучена во сменската работа и во дежурствата, соопшти Министерството за здравство.
Министерот за здравство Венко Филипче изутрината на состанокот на Интерните клиники со преставниците од ВМЦ и студентите ја поздрави нивната одлука и желбата да помогнат во работата на ковид-центрите.
– Помошта која ни ја пружате за нас е многу значајна во период кога имаме голем број хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Од друга страна за вас ова е искуство какво што можеби нема да имате можност да го видите во вашата кариера како лекари. Ваква организација немало до сега ниту кај нас, ниту во светот. Болеста е нова и непредвидлива. Клиничката манифестација е различна за секој пациент. Се соочуваме со нешто ново во медицината и за сите нас ова е во исто време и медицински проблем, но и предизвик, рече министерот Филипче на состанокот.
Студентите од шеста година ќе бидат распределени во центрите каде ќе работат под менторство на лекари специјалисти и ќе стекнат искуство во делот на клиничката пракса, се наведува во соопштението.