Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска учествуваше на неформалниот состанок за Советот на Европската Унија за општи работи – ГАК. Со Советот претседаваше германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, а покрај редовното учество на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, беа поканети и министрите за надворешни работи од земјите на Западен Бaлкан.
„Кога зборуваме за европската иднина на Северна Македонија – најпрво мислиме на младите генерации кои имаат право на подобар живот и пристојни услови да останат да творат во својата земја. Европската индина е единствен рецепт за превенција од ретроградните политички тенденции на Балканот – единствениот одговор на предизвиците за помирување и градење на просперитет и стабилност”, истакна Османи.
Во своето излагање Османи истакна дека иднината на Европа не може да се замисли без интеграцијата на Регионот во ЕУ, посочувајќи дека процесот на проширување треба да биде силно вклучен во дебатата за иднината на Европа. Тој се осврна на силната стратешка определеност на Република Северна Македонија за својата европска иднина, придонесувајќи притоа позитивно и кон европските перспективи на целиот регион.
Во делот на дискусијата за справување со предизвиците на пандемијата, беше истакнато дека солидарноста, заедничката соработка и координација се предуслови за глобалната анти – КОВИД стратегија. Беа подвлечени досегашните позитивни искуства во справувањето со пандемијата, особено во рамките на копретседавањето на Република Северна Македонија и Република Бугарија со Берлинскиот процес.
Министрите ја реафирмираа потребата за натамошно подобрување на соработката и координацијата во насока на ублажување на економските и социјалните влијанија на пандемијата.
Агендата на состанокот опфаќаше две актуелни теми: иднината на Европа во светло на отворениот широк консултативен процес во рамките на Конференцијата за иднината на Европа и актуелните предизвици на пандемијата КОВИД 19. Посебен простор на состанокот беше даден на група млади луѓе од цела Европа кои ги споделија своите визии за иднината на Европа.