Израелските пратеници денеска го усвоија прелиминарниот предлог за распуштање на парламентот (Кнесетот), што може да доведе до четврти избори во Израел за помалку од две години.
За распуштање на Кнесетот гласаа 61 пратеник, вклучително и членови на владејачката партија на центарот Сино и бело, на лидерот и министер за одбрана Бени Ганц, додека 54 беа против.
Гласањето се случи само седум месеци откако беше формирана коалициската влада на национално единство на премиерот Бенјамин Нетанјаху и Бени Ганц, неговиот долгогодишен противник, пред се, со задача за борба против коронавирусот.
Уште од формирањето на коалициската влада конзервативната партија на Нетанјаху, Ликуд, и партијата Сино и бело, на Ганц, се во постојан конфликт.
Ганц вчера соопшти дека неговата партија ќе гласа за распуштање на парламентот и го обвини Нетанјаху за постојана измама на јавноста за свои политички интереси.
Предлогот за распуштање на Кнесетот треба да биде одобрен од парламентарната комисија, а пратениците потоа повторно ќе гласаат за тоа, можеби следната недела.
Нетанјаху и Ганц дотогаш се очекува да ги продолжат преговорите во обид да ја зачуваат коалицијата.
На Нетанјаху му се суди за серија обвиненија за корупција, а Ганц го обвинува за попречување на работата на владата, вклучително и за усвојување на буџетот, во надеж дека на тој начин ќе влијае врз одложување на судските постапки против него.
Израелската Влада се уште го нема усвоено буџетот за 2020 година, поради длабоките поделби создадени со договорот за поделба на власта.
Недонесувањето на буџетот доведе до големи проблеми во време кога поради пандемијата се проценува дека невработеноста е поголема од 20 проценти.
Доколку буџетот не биде усвоен до 23 декември, Кнесетот автоматски ќе се распушта и се распишуваат нови избори.
Коалицискиот договор предвидува Нетанјаху да биде премиер до ноември 2021 година, а Ганц ќе ја преземе таа функција во следните 18 месеци.
Единствениот начин Нетанјаху да го избегне тој договор е буџетот да не биде усвоен.
Ганц, се чини заклучи дека изборите се неизбежни и затоа смета дека е подобро да се одржат што е можно побрзо. Тој веројатно очекува гласачите, доколку изборите бидат на почетокот на следната година, да го казнат Нетанјаху за лошото управување со пандемијата и економската криза.
Од друга страна, Нетанјаху ќе има корист од одложување на преговорите за буџетот и одложување на изборите за подоцнежниот период во надеж дека вакцината дотогаш ќе пристигне и ќе почне економското закрепнување.