За да ги сокрие трагите на парите и криминалот направен во Еуростандард банка, Народната банка го контролира и текот на стечајот на банката, тврди еден од сопствениците на Еуростандард банка, Трифун Костовски. Во колумна за порталот Либертас Костовски пишува дека НБРМ банка е влезена во Одборот на доверители при стечајот на Еуростандард банка.
-По анализата на моите стручни служби дека се работи за организиран криминал дојдовме до заклучок врз основа на уште две дополнителни информации кои се навистина многу битни. Не говорам само за направени пропусти при носењето на Еуростандард банка во стечај. Во време – невреме без Влада, без Собрание, после вонредна ситуација, без користење на сите алатки на Народна банка и ред други работи кои укажуваат дека процедурите Народна Банка морала да ги примени, а ги прескокнала, со цел да ја ликвидира банката … А причина??? Нема друга причина мои читатели, причината е јасна, а тоа е да не се откријат крајните корисници на 100-те милиони евра украдени пари.
Замислете, во Одборот на доверители при стечајот на Еуростандард банка е влезена и Народна банка. Прашувам – што бара Народна банка да биде во Одборот на доверители? Почитувани, одговорот е еден, нема други причини, освен да се контролира севкупниот тек на стечајот во банката. Доказ за оваа моја констатација е фактот што извештајот изготвен од стечајниот управител, Тодевски е копија на истиот од Народна банка што го пласираше во времето кога ја однесе банката во стечај. Народна банка не сака да остави ништо на случајот и во дадениот момент се јавува како тотален егзекутор на Еуростандард банка.
Природно и логично се поставува прашањето: кој стои зад Народна банка? Тенденциозноста е од невидени размери, а целта не е само да се убие ЕСБ како правен субјект, туку и да се скрие трагата на парите. Стечајниот управител одговара само пред судијата кој го назначил, но повеќе од индикативно е дека севкупната контрола на ЕСБ во постапката на стечај се врши од Народна банка.
Има уште илјада прашања од типот ЗОШТО? Мојот одговор на овие илјада прашања зошто, е затоа што сите ние граѓаните на Македонија ги затвораме очите пред организираниот криминал и не сакаме да се справиме со него!
Физичките и правните лица оштетени од стечајот на Еуростандард банка сакам да ги упатам и поддржам дека нивното барање за изземање на Фондот за исплата на штедни влогови од стечајната маса на ЕСБ, е сосема легитимно и на место, бидејќи тие имаат првенство при наплатата од стечајната маса. Нема потреба од создавање на финансиски фондови ако тие не бидат наменети за граѓаните или пак законодавецот смета дека ЕСБ не е последната банка што отишла во стечај, туку ќе следат и други банки. Ваквите прашања поставувајте ги на госпоѓата Бежоска.
Колумната ќе ја завршам со зборовите дека банкарскиот систем и банките во Македонија не се толку силни како што кажува Народна банка на чело со госпоѓата Бежоска. Нема банка во Македонија која нема аномалии во нејзиното работење, нема банка која нема лоши портфолија, само не знам до кој степен, бидејќи “шминката” на сите извештаи и биланси е сеприсутна во нашето секојдневие.
Им се обраќам на новинарите, посебно на тие кои сакаат да се занимаваат со истражувачко новинарство, подлабоко да навлезат во генезата на она што веќе три децении се случува во Македонија, а особено по 2002 година, кога и во сите годишни извештаи на Европската унија за напредокот на Македонија и за идно членство во ЕУ, како врвен негативен сегмент го споменува организираниот криминал. Ајде да се зафатиме со справување со ова зло, пишува Костовски.