Османи: Македонија активен чинител во спроведување на политиките на НАТО

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска и вчера учествуваше на министерскиот состанок на Северно-Атлантскиот Совет на НАТО, што заради рестриктивните мерки наметнати од пандемијата се одржа преку видео врска.

„Ние остануваме посветени на темите од клучно значење за Алијансата и како најнова членка ќе продолжиме да промовираме атмосфера и политика на регионална стабилност како клучен двигател за безбедноста и просперитетот на сите земји од Западен Балкан”истакна Османи, во своето прво обраќање пред колегите-министри на земјите-членки. 

Во своето излагање Османи истакна  дека нашиот придонес ќе продолжи преку посветениот ангажман на Република Северна Македонија кон регионалната и глобалната безбедност, со директно учество во воените мисии предводени од Алијансата.

„НАТО 2030 – процесот на рефлексија, го гледаме преку визијата за поголема  предвидливост на Алијансата после 2030, која ќе продолжи да ги спроведува своите клучни задачи и да ги одржува фундаменталните принципи и политики. Алијансата преку овој проект ја гледаме како инструмент кој ќе продолжи да се грижи за нашата безбедност и ќе ни овозможи натамошен просперитет и развој”, потенцираше Османи, истакнувајќи ја значајната улога на Алијансата во актуелното безбедносно опкружување и справување со безбедносните предизвици на денешницата. 

Агендата на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО опфаќаше повеќе прашања за дискусија од областите на стратешки приоритет на Алијансата, вклучително и справувањето со безбедносните предизвици, регионалната стабилност, контролата на вооружувањето, учеството во мисии и операции, а беа разменети и првични согледувања околу презентираниот експертски документ „НАТО 2030″. Исто така, министрите за надворешни работи одобрија и нотираа неколку усогласени документи во врска со темите што беа предмет на дискусија во рамки на НАТО.

 

 

Треба да знаете
Последни објави