Активисти на Граѓанската иницијатива Охрид СОС до Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање поднесоa 5.522 потписи од петицијата со барања за итни мерки за спас на Преспанско Езеро. Петицијата е поддржана од 31 граѓанска организација.
„Во прилог кон потписите беше доставен допис во кој се осврнавме на активностите за кои дознаваме преку соопштенијата на МЖСПП, како и дописот кој министерството го испрати до нас на 28 септември. Од тогаш, па до денес забележуваме напредок во однос на експертската група која работи на изготвување акциски план. Но, нема никаква информација за трилатералното тело кое треба да работи на координирани мерки и активности со оглед на тоа што Преспанско Езеро припаѓа на три држави. Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во преспанскиот слив како што се бараше и во петицијата, а беше најавено за 01 октомври, 2020 година“, велат активистите.
Тие укажуваат дека МЖСПП избира со јавноста да комуницира само преку оскудни и спорадични фејсбук-соопштенија.
„Изминаа девет месеци откако’надлежните институции (се собраа) на координација за преземање итни активности за заштита на Преспанското Езеро’. Наместо тоа, состаноците станаа лајтмотив на ‘борбата’ за спас на Преспанско Езеро и јавноста сè уште има впечаток дека одлучни мерки не се преземени“, велат од Охрид СОС.
Граѓанската иницијатива ја реафирмира потребата од прогласување кризна состојба за непречено и ефикасно спроведување на мерките, како и интензивирање на прекуграничната соработка и дефинирање на работни задачи до крајот на годината. Очекува и акциски план кој бил најавен за крајот на ноември, а за кој сè уште немало информација, да биде објавен и ставен во акција час поскоро.
Петицијата сè уште е отворена.