Лондонската берза, по веста дека Велика Британија прва во светот ја одобри употребата на вакцината против Ковид-19, утрово регистрира пораст на акциите.
Индексот на најликвидните акции на Лондонската берза, ФТСЕ 100 денеска ги надмина регионалните ривали, зајакнувајќи за 0,1 процент по информацијата дека Велика Британија од следната недела ќе започне да користи вакцина против коронавирусот, развиена заеднички од компаниите „Бионтек” и „Фајзер”.
– Економските изгледи ќе се подобруваат со одобрување и воведување на вакцините, вели Симона Гамбарини, аналитичар на пазарот во компанијата „Капитал Економикс”.
Индексот ФТСЕ 100 се приближува до нивото на пред пандемијата, закрепнувајќи се 60 проценти од мартовските падови.
Акциите на „Бионтек” кои котираат на Франкфуртската берза скокнаа за 7,5 проценти откако Велика Британија рече „да” за нивната вакцина.
Индексите на Волстрит исто така ноќеска повторно соборија рекорди, а азиските берзи продолжуваат да се движат низ историски високи нивоа.