Професорот Владо Бучковски е одличен познавач на македонско – бугарските односи, почитуван е од бугарските општествени и политички чинители, има добри контакти во Бугарија добро е примен и има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и за неговиот продонес во добрососедските односи, треба да придонесе за создавање на позитивна атмосфера во преговорите, рече владиниот порпарол Душко Арсовски на новинарско прашање за критериумите според кои е именуван поранешниот премиер и министер за одбрана за специјален владин претставник за Бугарија.
За „патоказот“, кој го бара Бугарија за спроведување на Договорот, Арсовски повтори дека тој би требало да биде надвор од преговарачката рамка.
На прашање да ги коментира ставовите дека во Бугарија не постои македонско малцинство и изјавите на бугарскио премиер Бојко Борисов, дадени за германскиот весник Алгемајне цајтунг дека Македонците се преобразени Бугари, Арсовски рече дека владата не се меша во внатрешните работи на соседната земја и дека тоа не само што е обврска според Уставот, туку и е прифатена обврска со Договорот за добрососедство и го повтори ставот дека македонскиот народ и македонскиот јазик се неспорен факт како и правото на самоопределување.
– Македонскиот народ и јазик се неспорен факт, имаме неприкосновено право на самоопределување, никој не го спори тоа и ќе станеме дел од Европската Унија како Македонци кои зборуваат македонски јазик – рече Арсовски.