Џенет Јелен ќе биде првата министерка за финансии во историјата на САД, откако новоизбраниот претседател Џо Бајден одлучи таа да ја преземе функцијата после 20 јануари, кога е закажана инаугурацијата.
Бајден вчера го претстави економскиот тим, во кој, покрај Јелен, се и Воли Адејемо (заменик министер), Нира Танден (директорка за Управување и буџет), Сесилија Роуз (директорка на Советот на економски советници), Хедер Буши (член на Советот на економски советници) и Џаред Бернштајн (член на Советот на економски советници).
Јелен на промоцијата рече дека САД се соочуваат со историска криза и оти економскиот пад бара итна акција за да се свртат работите.
– Во Америка се случува трагедија и многу е важно итно да реагираме. Ако не реагираме, ќе има уште поголем колапс, рече таа.
Претходно истиот ден, Стивен Мнучин апелираше до Сенатот со 300 милијарди долари да ги поддржи помалите фирми, за да не бидат затворени поради економската криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.
– Малите компании не можат да чекаат уште два или три месеци за помош, рече Мнучин.
Во меѓувреме, група пратеници од Демократската и Републиканската партија предложија помош од 908 милијарди долари.
Лидерот на мнозинството во Сенатот, Мич Меконел, изјави дека разговарал со колегите од Републиканската партија за тоа дали претседателот Доналд Трамп ќе сака да го потпише предлог-законот за помош во текот на преостанатите неколку недели како шеф на државата.
– Мислам дека сите знаеме дека по првата година, најверојатно ќе се зборува за некој дополнителен пакет, засега не знам колкава е сумата што ќе ја предложи администрацијата на Бајден, рече Меконел.
Сè уште не е јасно дали Јелен ќе биде главен преговарач по прашањето за економска помош поради коронавирусот, а таа улога ја имаше Мнучин во администрацијата на Трамп кога разговараше со спикерот на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси.