Новоименуваниот специјален претставник на Владата за Бугарија, Владо Бучковски вели дека поставувањето на оваа должност претставува предизвик за него и изразува убедување дека земјава ќе успее во своите напори за старт на преговорите со ЕУ.
– Блиску сме до излезни решенија. Недопустливо е ние да биде понижени, нашите црвени линии се исцртуваат, јасно е во кој правец треба да се најдат решенијата. Ми се допадна дефиницијата на Османи, мора да ја вратиме довербата во процесот, процесот е нарушен, изјави Бучковски при гостување во емисијата Студио 10 на ТВ 24.
Според него, за земјава нема друга мисија, мора да бидеме трпеливи и ова прашање мора сега да го решиме.
– Не гледам дека ќе има промена на политичката сцена во Бугарија. Додека разговараме тимовите работат, бараат решение, истакна Бучковски, нагласувајќи дека ништо не е тајно, но очигледно „некој се обидува да ја наелектризира состојбата” во земјава.
Тој потенцира дека проблемот со македонскиот јазик датира уште од стартот на склучувањето на Договорот за добрососедство, бидејќи бугарската страна инсистира секогаш да се користи „јазичната формула” кога ќе се спомене македонскиот јазик, што, според него, веќе претставува отстапка од наша страна.
– Инсистираме да се користи македонскиот јазик според Договорот. Што значи терминот заедничка историја? Анализите по Договорот беа дека Бугарија доби признание дека сме имале заедничка историја, а ние добивме признавање дека сме два различни народи, истакна Бучковски при гостуваењто во Студио 10.