Од Министерството за транспорт очекуваат до петок да ја добијат употребната дозвола за реновираната зграда лоцирана на плоштадот „Филип Втори” во близина на Камениот мост и до крајот на месецов да се преселат, потврдија за МИА од Министерството.
Со употребната дозвола се создадени услови за селење, а веќе е во тек тендерска постапка за избор на фирма што ќе ја изврши преселбата. Се очекува, како што велат од Министерството, следната недела да заврши изборот доколку нема жалби и да се склучи договор со фирма со што би стартувала постапка за селење.
Министерството за транспорт сега функционира во поранешниот објект на Министерството за надворешни работи до зградата на Државниот завод за статистика.
Со реновирањето се изврши целосна реконструција и надградба со два ката, со што од 2.800 метри квадратни површината се зголеми на 4.580. Во сите активности се потрошени 388.174.000 денари или околу 6,3 милиони евра.
Реновирањето на зградата почна во 2011 година, а беше завршено во 2017 година. Работите требаше да завршат во рок од една година но поради проблеми со темелите и статиката, според тогашните образложенија, беа пролонгирани. Техничкиот прием, пак, се одолговлечи поради мораториумот на Деталниот урбанистички план.