Две лица се исчезнати, а 32 се спасени, меѓу кои и три деца, откако потона чамец со бегалци и мигранти во морскиот дел североисточно од грчкиот остров Лезбос, објавија медиумите во Грција.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА исчезнати се две жени, додека пак министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис во изјава за потонетиот чамец, изразува жалење за загубените животи.
Митаракис истакнува дека турски патролен брод не им помогнал на мигрантите и додава дека е незамисливо што им се дозволува на чамци, кои не исполнуваат никакви безбедносни мерки и со кои управуваат луѓе без никаква дозвола и без да имаат познавања на морските правила, да тргнат на патување во Егејското море.
-Оние кои дозволуваат, освен што ја прекршуваат заедничката изјава ЕУ-Турција, за жал, свесно, во голема опасност ги ставаат човечки животи. Од сведочењата на преживеаните произлегува дека турски патролен брод, по повикот од чамецот до бројот за итни случаи, ги лоцирал, не им пружил помош, не ги спасил, туку им дозволи нелегално да ги преминат морските граници на Европската унија, вели Митаракис.
Додава дека меѓународната заедница мора преку клучни и строги интервенции да ги заштити човечките животи, ефикасно да придонесе за целосен прекин на нелегалните рути на криумчарите.
Според локалните медиуми од Лезбос, спасени се 32 лица, од кои 15 мажи, 14 жени и три деца.