Продолжување на процесот на формирање на локалните младински совети, согласно новиот Закон за младинско учество и младински политики беше главна тема на разговор на денешниот онлајн состанок инициран од Агенцијата за млади и спорт и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
На состанокот присуствуваше и градоначалникот Стефан Богоев, кој информираше за активностите кои Карпош ги презема за ресетирање на младинскиот совет.
-Уште во првата половина од 2020 година, Општина Карпош ги направи статутарните измени и го предвидува формирањето на младинскиот совет по новиот Закон за младинско учество и младински политики. Како резултат на пандемијата, Општината не распиша повик за иницијативен одбор, но во претстојниот период ќе го сториме тоа, рече Богоев.
Локалниот младински совет е тело во кое членуваат претставници на младински организации, политички подмладоци, асоцијации на студенти и средношколци, кои на локално ниво ќе креираат мерки и активности за подобрување на животот на младите на локално ниво.
На состанокот се зборуваше и за буџетот за млади и начините како да се наменат 0,1 отсто од локалниот буџет за потребите на младите луѓе. Директорот на АМС, Наумче Мојсовски, во своето обраќање ги истакна заложбите на оваа институција, да продолжи со поголема поддршка на младинскиот активизам во земјава.
Исто така, претставничката од ОБСЕ, Јасмина Тодоровска – Митева истакна дека прирачникот за работатата на младинските совети е во завршна фаза, по што истиот ќе биде голема поддршка за општините – патоказ како да се формираат овие тела, но потоа и да бидат функционални.