Сериозен проблем се создаде во нашиот регион, поради шовинистичкото откопување на македонското прашање од радикалните националисти од Бугарија, пишува поранешниот министер за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас на почетокот од неговата колумна за „Независната балканска новинска агенција” и објаснува дека „станува збор или за јасни радикални десничари како што е актуелниот министер за одбрана и за некои други бугарски политичари што сакаат да ги поддржат нивната предизборна битка и нивните лични стратегии”, јави дописничката на МИА од Атина.
Во колумната под наслов „Ставот на бугарскиот шовинизам во македонското прашање”, поранешниот шеф на грчката дипломатија, професор по меѓународни односи и член на движењето „Прато”, Никос Коѕијас пишува за бугарското вето, ги анализира, но и ги критикува барањата и позициите на Софија, а ги коментира и ставовите на дел од грчките десничари и радикални десничари.
Истакнува дека со Договорот од Преспа, Грција се ослободи од проблемот, а денес „про-турски ориентираните во Бугарија сметаат дека од договорот, загубиле дел од нивниот „шовинистички наратив” и „како втор бељаџија во регионот, поставуваат два нови предуслови за европскиот тек на Македонија”
Коѕијас пишува дека првиот предуслов е „Северномакедонците да прифатат дека се Бугари” и коментира дека Бугарија „ја нема сфатено етногенезата, во текот на 20-от век, на нов словенски народ, Славомакедонците”.
Коментира дека наспроти историските разврски и реалноста „бугарските шовинисти живеат вон време и простор и во ерата на Комунистичката интернационала”.
-Игнорирајќи ја историската реалност, шовинизмот што произлегува од мрачните години на бугарската окупација, сака Славомакедонците повторно да ги именува Бугари. Останат е во ерата на крвно- генетските определувања на нациите и не сфаќа дека нациите денес се културно-политички субјекти со конкретни права во однос на нивните институционални системи. Нема разбрано дека огромното мнозинство на Славомакедонците и уште повеќе секој Албанец од Македонија или Влав со грчка свест, никогаш не би прифатиле да се сметаат за Бугари, објаснува поранешниот шеф на грчката дипломатија и професор.
Во однос „другото барање на бугарскиот шовинизам”, односно јазикот, Коѕијас пишува дека Бугарија тврди дека „славомакедонскиот јазик не е независен јазик, туку е бугарски”.
-И во однос на ова, нашите пријатели Бугарите заостанаа многу. Јазиците и народите со текот на времето се обликуваат и диференцираат. Никој денес не спори дека австриската нација е засебна нација од германската, или дека скандинавските нации (Данска, Шведска и Норвешка) денес имаат три различни јазици и покрај нивното заедничко скандинавско потекло. Нешто што речиси идентично важи и за словенските јазици, истакнува Коѕијас, пренесе МИА.
Вели дека прашањето е тоа што некои во Бугарија со покажување лажна величина „од средновековен тип, посакуваат да создадат нови прашања на Балканот и на европскиот пат на Македонија”, објаснува дека темите кои ги решава животот и/или научното истражување и консултации, не можат да бидат наметнати со претседателски декрети и акти на мирна надворешна политика”.
– Прашањето е исто така дека некои од грчка страна, наместо да ја поддржат Македонија, наместо да се спротивстават на големиот бугарски шовинизам што толку скапо го платија и грчкиот народ и на грчката почва, заслепени од нивниот анти-Преспа гнев, ја поддржуваат политиката што нашите Македономахи ( борци за Македонија) ја уништија политички и воено пред 120 години, пишува Коѕијас во колумната објавена од „Независната балканска новинска агенција”./МИА