Земјите како Израел, кои не ги отворија своите граници или Кипар, што презеде построги мерки, не го избегнаа вториот бран на пандемијата, Грција е безбедна и ова е докажано во секој поглед, истакнал министерот за туризам на Грција Харис Теохарис за време на состанокот, преку видеоконференција со претседателот и претставниците на Конфедерацијата на туристички бизниси на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
И претседателот на Конфедерацијата на туристички бизниси на Грција, Јанис Рецос истакнал дека туризмот не е виновен за вториот бран од пандемијата.
-Туризмот е навикнат да биде виновен за многу работи во изминатите години, а тоа се случи и сега. Сегашната состојба не може да се поврзе со летниот туризам. Податоците на Националната организација за јавно здравје се очигледен доказ, истакнал Рецос.
На состанокот, како што соопштија од Министерството за туризам, била направена проценка на туристичката сезона, биле оценети позитивните резултати во Грција и покрај застрашувачките прогнози и биле разменети мислења за следната година.
-Перспективите за следната година ќе бидат тешки бидејќи верувам дека конкуренцијата ќе се интензивира во голема мера, потенцирал министерот за туризам на Грција и додал дека иако под тешки околности, 2020 година завршува успешно за грчкиот туризам.