Државата нема намера да презема од ингеренциите на општините, но секако дека ќе им помогне во реализација на нивните активности зависно од приоритетите што ќе ги одредат самите локални власти. Тоа денеска од Охрид го порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски после средбата со градоначалникот Константин Георгиески со кого разговарале за актуелни теми, прашања, проекти од интерес на граѓаните, пред се, за проблемот со претераната и неконтролирана урбанизација на крајбрежјето на Охридското Езеро.
– Државата нема да ги преземе плажите, ние само ќе учествуваме во решавањето на проблемите со дивоградбите на охридското крајбрежје. Урбанистичката документација ќе влезе во Министерството за транспорт и врски, сите нелегални објекти според новите урбанистички планмови ќе бидат отстранети, тоа е и одлука на Владата. Од тој аспект, етапното решавање на проблемот ќе значи дека тоа нема да се случи за една година, но согласно финансиските можности, капацитетите на институциите ќе работиме на етапно решавање. Тоа ќе значи се она што е влезено во зоната на езерото ќе треба да биде отстрането. Притоа, да дадеме можност на градот после донесувањето на урбанистичките планови да управува со крајбрежјето, рече министерот Бочварски.
Тој појасни дека и самиот како поранешен градоначалник е поборник на процесот на децентрализација на власта, со планови низ разговори со локалните власти секој да ги преземе своите одговорности и ингеренции.
– Преку разговори да дојдеме до заеднички заклучоци, и централната и локалната власт, граѓанските организации, невладините организациии, медиумите сите да застанеме во борба за правдата, да започнеме со решавање на проблемите на граѓаните, рече министерот за транспорт.
Што се однесува на нелегалните објекти долж крајбрежјето на Охридското Езеро, министерот нагласи дека ја знае проблематиката, запознаен е со актуелните состојби, како и оти координирано ќе се работи на отстранување на сите неправилности.
Бочварски уште нагласи дека се планира идната година да се работи на зајакнување на капацитетите на инспекциските служби, како преку определенување соодветни примања за вработените во службата, така и преку нови законски решенија што ќе значат засилени ингеренции.
Што се однесува на последниот случај со узурпација на крајбрежејето на езерото кај населбата Далјан кога со градежна механизација е извршено исфрлање градежно земјиште во самото езеро, градоначалникот на Охрид Георгиески ги повика граѓаните пред да ги известат медиумите да ги известат надлежните служби, за тие кога ќе излезат на лице место да го затекнат сторителот.
– За конкретниот настан во вторникот на лице место беше инспекција на Државниот инспекторат за животна средина. Општинската градежна инспекција беше таму во понеделникот. Увид е направен, земјиштето што е предмет на насипување е сопственост на државата, но има физичко лице што има кориснички правата врз земјиштето, така што против него се поднесени соодветни пријави. Другата истрага ја води СВР Охрид, оттаму презедоа мерки за прибирање снимки, фотографии од околни објекти, па и изјави на очевидци. Општина Охрид поднесе соодветни пријави против лицето што е носител на корисничкото право, рече тој.
Георгиески уште појасни дека станува збор за голем насип, оти е направен обид преку јавните претпријатија да се интервенира, но оти механизацијата не е доволна за таков зафат. Општината ќе се обиде тоа да се стори и со средства и механизација обезбедени преку тендерот што градот ги има ангажирано за чистење речни корита.
Против лица што изградиле дивоградби или узурпирале простор што е во строго заштитените зони на езерото и крајбрежјето поднесени се стотици кривични пријави, се уште се без правна разврска и се чека на нивно процесуирање.