Онлајн работилница „Психолошка поддршка на новинарите во кризни ситуации” организирана од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Македонскиот институт за медиуми се одржа вчера и денеска на платформата Зум.
Новинарите во овие два дена споделија лични искуства од бегалската криза во 1999 и конфликтот во 2001, известувањето при упадот во Собранието на 27 април, 2017, пандемија на Ковид-19 и известувањето за состојбата во болниците, известувањето за мигрантската криза во 2015, притисоците врз новинарите и работењето од дома за време на пандемијата, а психологот Ана Блажева зборуваше за психолошката поддршка и даде практични совети за медиумските работници при известување во кризни состојби.
Како што сподели на вчерашната работилница модераторката Тамара Грнчаровска, светските искуства покажуваат дека од 80 до 100 проценти од новинарите биле изложени на трауматско искуство поврзано со нивната работа. За зачестеноста на изложеноста на трауми дури 92 проценти доживеале четири трауматски искуства во текот на работниот век, а таа бројка кај некои од испитаните новинари се движи и до 81.
– Пред 20-на години новинарството е вброено во професиите кај кои е утврдено постоење на пост-трауматско стрес нарушување предизвикано од работата. Но, психолошкиот товар за новинарите од нивната работа не завршува само на тоа. Денес во услови на пандемија забележано е зголемувањето на депресијата и анксиозноста кај новинарите кои работат од дома, но и проблеми кај оние новинари кои директно се соочени со известување од терен за пандемијата. Уште во првите месеци од пандемијата направени се истражувања од страна на Ројтерс Институтот кои покажале психолошки промени кај 70 проценти од анкетираните новинари кои известувале за пандемијата, а повеќе од четвртина пријавиле симптоми на загриженост, чувство на безизлезност, несоница, недостиг на концентрација при извршување на работата, соопшти Грнчаровска.
Работилницата имаше за цел отворено да се разговара за темата за која меѓу новинарите, фоторепортерите, снимателите малку се зборува, а ги засега сите нив, а тоа е психолошката поддршка за нивно справување со стресни, трауматски, кризни и опасни ситуации, закани, но и стрес предизвикан од работа дома особено сега во услови на пандемијата со Ковид -19.
Според психологот Блажева, емоциите се клучни во справувањето со сите предизвици кои ги имаме во животот. Таа вели дека емоциите долго време имаат второстепено значење, и оти имаат значење на некоја примитивност, но во последните декади повторно се враќаат во фокус.
Блажева зборуваше и за границите на професионалното и личното кои се многу важна тема. Иако тие постојат како некакви различни улоги кои ги имаме во животот, вели таа, неопходно е и во улогата и во контекстот да ја носиме таа граница.
– И покрај постоењето на разликата или границата на различните улоги кои ги имаме, сепак ние треба да можеме да го разбереме и она што го доживуваме како луѓе и на некој начин да го интегрираме тоа искуство во сите тие различни места, рече Блажева.
Како што додаде реакцијата на траума што ја имаме а автоматска, несвесна, телесна и искуствата на силно тресење на интензивни емоции се во функција на наша заштита. Таа нагласи дека не постои индивудален пристап во справувањето со овие искуства. Важно е фокусот да не биде на индивидуата, туку тоа што е многу важно е да го донесеме контекстот и релациите.
– Во однос на емоционалната регулација што може да не поддржи – контактот со себе, со сопствените емоции, да можеме да ја препознаеме и именуваме емоцијата е пвиот чекор, потоа да видиме и провериме од каде доаѓа таа наша реакција, со што е поврзана, дали е поврзана со актуелната ситуација или со некоја претходна и да направиме разлика затоа што некогаш кога емоциите се поврзани со нашите минати искуства знаат да бидат поинтензивни, а да не бидат адекватни на актуелната ситуација. Нашиот одговор да не биде одговор на минатото искуство, туку на сегашното, прифаќање на емоцијата. Не постои начин на кој можеме да ја преиначиме емоцијата и не постои начин накој можеме да ја отфрлиме. Може да ја прифатиме таква каква што е и таа е адекватен одговор во ситуацијата, рече Блажева.