Либан нема да има доволно болнички кревети за справување со зголемениот број случаи на пациенти до ковид-19, предупреди денеска министерот за здравство во преодната влада Хамид Хасан.
Хасан на Твитер напиша дека бројот на случаи се зголемува, и иако се додадени повеќе болнички кревети, тоа нема да биде доволно.
Единиците за интензивна нега беа скоро полни кога Либан воведе национален карантин, а привремениот премиер Хасан Диаб предупреди дека карантинот може да биде продолжен доколку не се почитуваат мерките.
Министерството за здравство на Либан вчера пријави 1.842 нови случаи на Ковид-19 и 22 смртни случаи.
Покрај пандемијата на Ковид-19, Либан се соочува со голема финансиска и економска криза и сè уште се бори со последиците од експлозијата во пристаништето во Бејрут на 4 август.