Стево Пендаровски, денеска прими претставници на Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор”.
На средбата, којашто се оддржа по повод 3 Декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост, претставниците на Фондацијата „Чекор по чекор” го запознаа претседателот Пендаровски со нивните активности насочени кон градење отворено општество коешто ќе обезбеди можности на децата да ги развијат своите целосни потенцијали и да ги уживаат своите права. Тие информираа и за тековниот проект „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран”, којшто се реализира на национално ниво во соработка со Министерството за образование и наука, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е да ги подобри можностите за образование на децата со попреченост, нивно вклучување во редовниот образовен процес, како и јакнење на нивната социјална и образовна инклузија. Преку него, засега околу 290 деца од прво и второ одделение добиваат месечни стипендии, додека дел од директорите, наставниците, педагозите, психолозите и/или специјални едукатори се вклучени во работилници за професионален развој. Исто тaка, во рамки на проектот предвидено е 40 основни училишта да добијат поддршка/грантови за подобрување на пристапноста и/или средината за учење. Исто толкав број на тутори ќе се доедуцираат за да им помагаат на примателите на стипендии со поддршка во процесот на учење.
„Учениците со попреченост имаат право да растат, да се развиваат и образуваат заедно со своите соученици. Ние како Фондација неизмерно вложуваме во образованието бидејќи знаеме дека раната интервенција, раниот детски развој, образовните можности за секое дете водат до ученици кои во целост го искористиле својот потенцијал, личности коишто не добиле само образование туку создале своја иднина”, истакнаа на средбата од Фондацијата „Чекор по чекор”.
Претседателот Пендаровски порача дека државата и општеството во целина мора да водат постојана грижа за лицата со попреченост. Тој ги поздрави активностите на Фондацијата „Чекор по чекор” и им порача и понатаму да се залагаат и да работат на поголема инклузија на лицата со попреченост во образованието, но и во општеството во целост.
„Македонското општество треба да го градиме како општество во кое има подеднакво простор и шанси за успех за сите. На лицата со попреченост да им покажеме дека сите имаме различни способности и треба заеднички да живееме со нашите разлики” порача претседателот Пендаровски на средбата.
Во оваа насока претседателот Пендаровски искажа безрезервна поддршка и подготвеност да се вклучи во кампањата на Фондацијата „Чекор по чекор”, чија што главна цел е подигнување на јавната свест и создавање на инклузивно општество и инклузивни институции.