Јапонската влада има намера да воведе построги правила за регулирање на домашниот пазар на автомобили до 2035 година, со цел да се исклучат од продажба автомобилите на бензин и дизел, објави телевизијата НХК.
Според плановите на Министерството за економија, трговија и индустрија, оние кои сакаат да купат нов автомобил ќе можат да бираат само меѓу хибриден, електричен автомобил или возило на водород. Овие мерки се дел од стратегијата на Токио за нулта емисија на јаглерод диоксид и други штетни гасови во атмосферата до 2050 година. Целите ги објави претходно јапонскиот премиер Јошихиде Суга.
Јапонскиот пазар на автомобили денес нуди доволно хибридни модели, кои се во понудите на сите производители на автомобили во земјата. Но, електромобилите за масовна потрошувачка во мигов се произведуваат во ограничени количини.
Водечкиот автомобилски концерн „Тојота моторс”, на пр., не произведува електрични автомобили, но нуди различни варијанти со хибридни и водородни мотори. Компанијата веќе објави дека планира да ги повлече од домашниот пазар до 2025 година своите автомобили што работат само на бензин и дизел.