Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски денес прими делегација од Карате федерацијата на Македонија во која беа претседателот Горан Милковски, потпретседателот Бесник Мурати како и стручниот соработник на КФМ Игор Миноски.
– На средбата се зборуваше за големите резултати и успеси што каратето ги постигна во изминативе повеќе од десет години, период во кој стана пример за врвна менаџирана организација со континуитет на врвни резултати во македонскиот спорт. КФМ е позитивен пример за сите во државата и по тоа што не постои никаква поделеност по никаква основа, ниту национална, верска, политичка, полова ниту по било која друга и тоа важи за сите, од најмали до највозрасни категории и за сите официјални лица, стои во соопштението на КФМ.
Претставниците на федерацијата го известија дирекотот Мојсовски дека поради пандемијата се принудени да ги откажат сите активности до крајот на годинава, а според последните информации во најава е дека оваа принудна пауза може да трае се до март 2021 година.
– И покрај тоа што сите се свесни дека оваа пауза е голема загуба за сите во каратето, приоритет број еден и главната цел е заштита на здравјето на спортистите, тренерите, судиите и сите кои се инволвирани во натпреварите. Од истите причини и КФМ ги пролонгира натпреварите до крајот на годинава. Тука спаѓа и меѓународниот традиционален турнир „Трофеј на Македонија” кој во изминатите неколку години беше одлична презентација на македонското карате, а пред сè на нашите најистакнати спортисти, кои на домашна сцена ги демонстрираа своите квалитети, посочуваат од КФМ.
Како доскорешен врвен спортист во ракометот, со над 200 настапи за репрезентацијата и поранешен Спортист на Македонија, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски истакна дека е добро запознат со сè што прави Карате федерацијата, која реално има најголеми успеси во спортот.
– Одличната соработка со КФМ ќе продолжи и понатаму, а доколку постојат можности, истата и ќе се надгради, се со цел да се овозможи и во иднина остварување на високи спортски резултати. Пред сè, кога ќе се создадат услови за некакви активности, да направиме заеднички напори за нашите најдобри каратисти и каратистки да бидат во врвна форма за најзначајните натпревари, пред сè во обидот да остварат олимписка норма за Токио, истакна Мојсовски.