Седумдесет крвни единици беа обезбедени во денешната доброволна крводарителска акција во Кавадарци.
-Уште една успешна акција, се одржа во големата сала на Општината, а во организација на Црвен крст Кавадарци, навивачката група „Лозари-исток” и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.
Најголем број од дарителите беа од навивачката група ,,Лозари-исток”, а имаше и вработени во општината и останати крводарители од градот. Благодарност до сите кои денес даруваа крв и уште еднаш ја покажаа својата голема хуманост, дарувајќи од својата драгоцена течност, која некому ќе спаси живот, рекоа вечерва од кавадаречкиот Црвен крст.
Оттаму информираа дека годишниот план за крводарување за двете општини Кавадарци и Росоман секоја година изнесува 1184 единици крв,тоа е три отсто од вкупното население од двете општини.
Минатата 2019 година дарувани се 2100 крвни единици, а до месец ноември 2020 година реализирани се 1800 единици крв.
-Така што можеме да констатираме дека календарската година ќе ја завршиме повторно со натфрлување на годишниот план за крводарителство. Дарителите на крв од Тиквешијата се во редот на најуспешните во државата. Благодарност до сите крводарители и до градоначалникот Митко Јанчев и локалната самоуправа Кавадарци за отстапениот простор и за условите во кои се одвиваше акцијата.Сите крводарители ги почитуваа мерките и препораките за заштита од Ковид-19, носеа заштитни маски, држеа растојание и на сите им беше мерена температура пред дарување на крв, додадоа од Црвен крст Кавадарци.