За првпат 16 врвни бизнисмени од земјите на Западен Балкан, врз основа на мерливи критериуми, ќе го следат напредокот на економските реформи во регионот и ќе го известуваат Брисел
Иако 29 години живеев во СФРЈ, никогаш не сум ги сакал флоскулите за враќање на духот на Југославија. Едноставно, не верувам во „римејкови“ и затоа од првиот ден на нашата самостојност се залагам да изградиме солидна држава, која овозможува, ако не просперитет, барем минимален напредок. По сите турбуленции, иницијативата на германската канцеларка Меркел во 2014 година ја доживеав како голема надеж, затоа што беше поставена јасна цел каде треба да се движиме, а беа обезбедени и средства и имавме силен поддржувач во ликот и во делото на најмоќниот европски политичар – германскиот канцелар. Како основач на Коморскиот инвестициски форум (шест национални комори од Западен Балкан) бев на крилата на надежта дека конечно и ние сме дел од некој процес, кој конечно го остава балканскиот менталитет настрана. Но отрезнувањето дојде многу бргу – Берлинскиот процес се измести спрема Виена, Париз, Трст, Лондон и Познањ и заврши во Софија (источен Балкан). Со тоа и процесот се разводни, ја загуби својата острица, а надежта исчезна.
Сега Берлинскиот процес се враќа од Софија во Берлин, што значи дека грешката е призната, но клучното прашање е зошто мора ние да му се вратиме назад на Западниот Балкан. Просто кажано, по сѐ што направивме и што жртвувавме за да тргнеме кон Брисел, ние сме приморани да останеме тука. Но, тоа е реалноста. Нам ни преостанува една алтернатива, а тоа е да го ставиме бизнисот на пиедесталот на приоритетите, а мора да кажам дека ние како најголема и најбројна бизнис-асоцијација тоа секојдневно и го правиме.
Со формирањето на Бизнис-советот во рамките на Коморскиот инвестициски форум, во чиј состав влегоа бизнисмени од 16 водечки компании од регионот на Западен Балкан, од различни производствени и услужни сектори, и со акцискиот план за заеднички регионален пазар (ЗРП 2021-2024), ние практично сѐ уште сме на пат за Брисел, максимално поддржани од Берлин. Тоа се огромни задачи за нас затоа што ѓаволски е тешко тоа што ќе го договориш и да го спроведеш. Затоа ќе наведам еден пример: дали знаете што значи кога еден ден ќе станеме дел од единствениот пазар. Денешните граници ќе исчезнат, а надворешните граници ќе бидат на повеќе од илјада километри од нас.
Во таква ситуација, нашите или црногорските или албанските власти или кој било друг од регионот ќе биде подготвен и расположен да им подари верба на органите и на институциите оддалечени повеќе од илјада километри, отколку на државата со која граничи, и што е уште поважно: како мислат дека администрацијата на ЕУ или на која било од државите членки ќе сака да нѐ вклучи во својот единствен пазар, кога гледа дека со децении истото ни оддалеку не ни успева во малата лига наречена Западен Балкан. И не само тоа. Во акцискиот план (2021-2024) се утврдени чекорите за воспоставување заеднички регионален пазар (ЗРП) во регионот на Западен Балкан, заснован на четирите слободи на ЕУ (слободно движење на лица, стоки, услуги и на капитал), а истовремено и засилена соработка во областа на дигитализацијата, инвестициските и иновациските политики, како и во индустријата.
Во сиот овој процес охрабрува што клучна улога во следењето на спроведувањето на акцискиот план ќе има Бизнис-советот на Коморскиот инвестициски форум, кој врз основа на мерливи критериуми ќе го следи напредокот во спроведувањето на акцискиот план и редовно ќе ги информира владите на Западен Балкан, како и Европската Унија, за состојбата на теренот, давајќи конкретни предлози и сугестии за мерки за елиминирање на пречките, за намалување на трошоците и за олеснување на условите за водење бизнис во регионот и во Европската Унија.
П.С. Берлинскиот процес се враќа во Берлин. Време е и ние да започнеме креирање на функционален систем, заснован на европските стандарди и вредности, а за тоа не треба да губиме ни еден ден.