Денеска и утре се одржува годишниот министерски совет на ОБСЕ на кој се очекува земјите членки да постигнат договор за избор на неколку најважни позиции во оваа најголема регионална безбедносна организација.
Од јули до сега претставниците на 57-те земји-членки не успеаја да постигнат договор за неколку водечки позиции во ОБСЕ.
Германската дипломатка Хелга Шмид е главен фаворит за нов генерален секретар на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), изјави американскиот амбасадор во таа меѓународна организација Џејмс Гилмор.
Хелга Шмид (59) во моментов е генерален секретар на Европската служба за надворешна политика (ЕЕАС), предводена од високиот претставник Жозеп Борел.
Како висок дипломатски преговарач на ЕУ, Шмид имаше важна улога во постигнувањето на нуклеарниот договор со Иран, јави германската агенција ДПА.
Амбасадорот Гилмор рече дека Шмид е „добро позната во светот и многу добро позната во Вашингтон”.
Поранешниот министер за надворешни работи на Казахстан, Каират Абдрахманов најмногу се споменува како иден висок комесар за национални малцинства.
Најверојатен кандидат за позицијата претставник на ОБСЕ за слобода на медиумите е државниот секретар за надворешна политика во Владата на Португалија и поранешна директорка на португалскиот Институт за комуникација и медиуми, Марија Тереза Рибеиро.
Четворица водечки претставници на ОБСЕ мораа да се повлечат од функциите од средината на јули, бидејќи тие не беа реизбрани, иако нивниот реизбор се очекуваше да биде чиста формалност.
Во обид да го пополнат вакуумот во владејачките структури, членките на ОБСЕ се согласија на барањето на Русија една од главните функции во организацијата да припаѓа на претставник од една од поранешните држави на СССР.
Досега, западните политичари беа избирани на водечки позиции во ОБСЕ, а Русија и земјите од Централна Азија веќе долго време тврдат дека поради оваа нерамнотежа, тие се мета на неправеден однос и прекумерна критика во областа на човековите права.
Западните земји се надеваат дека по концесијата на Русија, ОБСЕ за возврат ќе добие поголема поддршка од рускиот претседател Владимир Путин да продолжи да се занимава и со прашања од владеењето на правото и човековите права, што честопати наидуваше на противење од Москва.
Џејмс Гилмор истакна дека дипломатскиот ангажман на ОБСЕ во конфликтот во Нагорно Карабах „ја покажа важноста и значењето” на таа организација, која, како што рече, е „единствениот постоечки форум во кој сите се собрани”.