Пленковиќ: Светската здравствена организација треба да се зачува

Светската здравствена организација (СЗО) треба да биде зачувана како водечки авторитет и чувар на јавното здравство на глобално ниво, рече хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на сесијата на ООН.

Пленковиќ на специјалната виртуелна сесија на Генералното собрание на ООН зборуваше за пандемијата на коронавирусот, која зарази 65 милиони луѓе и усмрти 1,5 милиони луѓе ширум светот.

-Сметаме дека е исклучително важно да се зачува централната улога на Светската здравствена организација … Хрватска цврсто верува во потребата од глобален заеднички пристап во борбата против пандемијата- рече Пленковиќ, кој е во изолација поради инфекција со коронавирус.

Тој ја потврди посветеноста на Хрватска кон Програмата за одржлив развој на Обединетите нации до 2030 година и Парискиот договор, од кој Трамп ги повлече САД.

Прочитајте и…  САД одобрија евентуална продажба на воена опрема и оружје на Хрватска

Претседателот на САД, Доналд Трамп, го прекина финансирањето на СЗО претходно оваа година и најави дека САД ќе ја напушти организацијата со седиште во Женева, обвинувајќи ја дека е марионета на Кина, што СЗО го негираше.

На дводневниот состанок учествуваат 53 претседатели, 39 премиери и 38 министри. САД денеска соопштија дека состанокот на светските лидери е всушност дизајниран да му овозможи на Пекинг да шири „пропаганда“.

„Приоритет е да се обезбеди координирана и јасна комуникација за ефикасноста и безбедноста на вакцините“

Во својот говор, Пленковиќ рече дека оптимизмот во борбата против ковид-19 е всаден од фактот дека неколку вакцини чекаат одобрување и употреба и дека следниот предизвик на глобално ниво е да се обезбеди фер и навремена достапност на вакцините.

Дополнителен приоритет е да се обезбеди координирана и јасна комуникација за ефикасноста и безбедноста на вакцините и на тој начин да се спречи ширењето лажни информации, рече тој.

-Нашиот одговор на оваа болест треба да вклучува помош на луѓето, заштита на нивното здравје и економска благосостојба, истовремено заштитувајќи ја нашата планета– рече Пленковиќ.

Зборувајќи за стратегијата на неговата влада, тој рече дека посебно внимание се посветува не само на мерките за спасување човечки животи, туку и на економското закрепнување.

Тој изјави дека е пуштена во употреба посебна веб-страница со сите важни информации како и апликацијата „Стоп КОВИД-19“, за која рече дека е целосно усогласена со регулативите за приватност на ЕУ.

 

Треба да знаете
Последни објави