Книгата за ултрадесничарскиот италијански опозициски политичар, Матео Салвини, е на врвот на најпродаваните наслови на италијанскиот Амазон, иако содржи само празни страници.
Книгата „Зошто на Салвини треба да му се верува, да се почитува и обожува“ е долга 110 страници и со цена од 6,99 евра, нуди празни страници. Таа со денови се наоѓа на врвот на листата на најпродавани книги на оваа интернет-продавница.
„Книгата е полна со празни страници. И покрај долгогодишното истражување, не можевме да најдеме што да кажеме за тоа прашање, затоа слободно искористете ја за свои белешки“, стои во описот на книгата.
Авторот на книгата е „Алекс Грин – политички аналитичар“ и веројатно е псевдоним. Според Амазон, книгата е објавена од страна на приватна компанија во февруари 2009 година.
Очигледната шега го привлече вниманието на многу италијански медиуми.
Критиките на Амазон се претежно позитивни и просечната оценка е 4,7 sвезди.
„Долго и напорно читање, но вредеше“, пишува еден потрошувач.
На некои, сепак, не им се допаѓаше шегата.
„Само пишувам за да кажам дека ова е празна книга продадена во заговор со левичарскиот Амазон само за забава на левичарите“, напишал човек кој ја оценил книгата со една ѕвезда.
„Ја купив само за да пишувам лошо за неа. Вие не треба да ја купувате!“, додаде потрошувачот.
Салвини (47) е лидер на партијата Лига. Политичарот е познат по неговиот тврд став кон мигрантите и неговата наклонетост кон другите популистички лидери