Вакцината против ковид-19 нема да биде задолжителна и граѓаните сами ќе одлучат дали ќе се вакцинираат или не. Во Министерството за здравство се свесни дека околу вакцинацијата постојат различни мислења и теории кои многу лесно се шират преку социјалните мрежи, па затоа подготвуваат кампања за едукација и информирање пишува СДК.
„Ќе обезбедиме релевантни информации за да ги информираме граѓаните за вакцината, за самите да одлучат дали ќе се вакцинираат или не“, велат од Министерството за здравство.
Сега, кога вакцината против ковид-19 е одобрена и земјите се подготвуваат за вакцинацијата, владите низ светот се соочуваат со дилемата дали ако е мал бројот на луѓе кои ќе се вакцинираат доброволно, треба да воведат задолжителна вакцинација. Кај нас на оваа тема сè уште не се размислува. Од Министерството за здравство велат дека остануваат на ставот оти вакцинацијата треба да биде доброволна, секој сам да одлучи дали ќе се вакцинира.
„Во првите 20 проценти се предвидува вакцинирање најпрво на ризичните групи како здравствените работници, хронично болните и постарата популација. Потоа секако се планира набавка на дополнителни количини на вакцини и за останата популација“, вели д-р Грозданова.
Вакцинацијата со оваа вакцина ќе биде една од најголемите логистички операции која ќе треба да ја спроведе здравствениот систем, за што, како што објаснуваат од Министерството, веројатно ќе ни треба помош и од други сектори. Ќе треба помош и организација да се примат вакцините, соодветно да се чуваат, да се транспортираат, дистрибуираат до местото каде што ќе се аплицираат на лицата кои претходно ќе бидат селектирани како ризични групи што треба да ја примат вакцината.