Угледниот новинар кој добро ја познава НБА лигата, Адриан Војнаровски пренесе дека сè е договорено меѓу Хјустон и Вашингтон за можеби најголемата замена оваа година.
Ѕвездата на Рокетси, Расел Вестбрук ќе прејде во редовите на Визадрси, додека во спротивен правец ќе замине Џон Вол и прв пик на драфтот во 2023 година кој беше во посед на Вашингтон. Двата најдобри играчи на Хјустон, Вестбрук и Харден побараа трејд по крајот на сезоната, а на плејмејкерот му се исполни желбата и се очекува да биде лидер и организатор на играта во главниот град на Соединетите Американски Држави и ќе игра со Бредли Бил.
Хјустон влезе во овој трејд со одреден ризик, бидејќи Вол се враќа од повреда на Ахиловата тетива, од што патот до целосно заздравување е долг. Сепак, Џон Вол би можел да биде вистинско надополнување на играта на Рокетси, во случај Харден да остане во тимот.