Оваа година Националната галерија првпат објави конкурси за зрел и за млад уметник, поддржани од страна на Министерството за култура.
На 25 јуни беше понуден професионален повик за учество во Конкурсот, отворен за сите уметници. За победниците, како што беше објавено, обезбедени се средства за хонорар, за реализација и продукција на делата, пракса која одамна не се применува на македонската ликовна сцена, а е потврда на професионалност и респект кон влогот и трудот на ликовниот уметник.
До крајниот зададен рок, 20 јули, аплицираа 10 уметници на конкурсот за зрел уметник и 23 млади автори за млад уметник.
Меѓународната комисијата во состав: Мишко Шуваковиќ – декан и професор на докторски студии по трансдисциплинарна и трансмедијална уметност при Факултетот за медија и комуникации при Универзитетот „Сингидунум“ од Белград, Роман Урањек, уметник и член на групата IRWIN и Арта Агани Буњаку, ликовен уметник, дизајнер и директор на Уметниката галерија на Косово избра еден зрел уметник за победник и двајца млади уметници.
На 26 август Националната галерија го објави добитникот на конкурсот за зрел уметник: Роберт Јанкулоски и добитниците на конкурсот за млад уметник: Дарко Комненовиќ и Викторија Попоска.
Финално, трите добитници ќе ги постават и реализираат своите проекти во објектот Мала станица. Истите, публиката ќе може да ги посети од 10 декември до 10 јануари 2021 година.