Книгата „Да се почне одново” од театрологот и универзитетски професор Драган Клаиќ ќе биде онлајн промовирана денеска на фејсбук-страницата на „Литература.мк”.
Разговорот ќе биде со пензионираната професорка на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Јелена Лужина која воедно го преведе ова дело на македонски јазик.
Книгата е во издание на „Арс Либрис” и веќе е достапно во сите книжарници „Литература.мк” или да се нарача онлајн на веб-страницата www.literatura.mk.
Онлајн-промоцијата ќе ја води уредникот на книгата, Ведран Диздаревиќ.
Поднасловот на делото е „Промена на театарскиот систем” и авторот Драган Клаиќ пред сè се занимава со прашањето „Како театарските куќи, трупи, простори, фестивали, студии, како и инфраструктурата која ги поддржува, може да се одржат во конкуренција со комерцијалната забава?”
– Под притисок на економијата, глобализацијата и културната индустрија, институционалниот театар сè повеќе личи на неговиот двојник, комерцијалниот театар, и некритички го прифаќа неговиот модел. Од друга страна, и покрај субвенциите што ги добива, тој не може да го пронајде моделот што ќе му овозможи правилно да функционира и да го прави тоа што го знае најдобро: да експериментира, да истражува и да критикува. Веднаш се наметнува прашањето „што да се прави”? Книгата „Да се почне одново” на Драган Клаиќ дава многу конкретни одговори на ова прашање и вешто се движи помеѓу минатото и сегашноста, идеалите и стварноста, уметноста и економијата, културата и културната политика – и се наметнува како задолжително четиво за сите оние што се интересираат за судбината на театарот во XXI век и се активни чинители во создавањето на неговата иднина, наведоа од „Арс Ламина”.
Драган Клаиќ е роден во 1950, а починал во 2011 година. Познат е како историчар на театарот и културен аналитичар. Бил постојан соработник на здружението „Феликс Меритис” (Felix Meritis) во Амстердам, а предавал и културна политика и уметност на универзитетот во Лајден. Одржал предавања на многу универзитети, говорел на конференции и симпозиуми и бил уредник, колумнист, истражувач и тренер. Докторирал „Историја на театарот и драмска теорија” на престижниот универзитет „Јеил” во САД.