Претседателот на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов на протестот пред Министерство за правда во организација на ВМРО-ДПМНЕ под мото „Оставка за Заев, слобода за народот“ порача дека не треба да молчат младите на распродавањето на националните интереси кое што се случува од страна на Владата. Младите не треба да дозволат да оваа држава остане без историја, јазик и идентитет.
„Ако замолчиме сега ќе треба да замолчиме засекогаш. А, дали ние младите на 21 век и младите на Република Македонија треба да замолчиме пред тоталното распродавање на се што значи национална посебност? Дали треба да останеме неми пред крадењето на нашата историја и нашето потекло, но и губењето на нашата иднина? Дали треба да останеме неми пред тоа да ни ја украдат иднината пред очи, запраша Попов.
Попов додаде дека претставниците на власта немаат ништо од патритско во себе. Но младите ќе застанат во првите линии за да се одбрани она светото за кое што македонските херои гинеле и се бореле.
„Ние нема да дозволиме да бидеме запаметени како генерација која во овие одлучувачки моменти за Република Македонија сме останале неми и сме направиле грешка во своите животи. Ние младите на Република Македонија ќе бидеме во првите одбранбени линии на македонскиот национален идентитет, култура и историско наследство. Дали претставниците на власта имаат нешто патриотско во себе нема ни да прашувам бидејќи тие веќе одамна покажаа дека го изгубија патриотизмот во себе“, истакна Попов.
Попов посочи дека младите жестоко ќе се спротивстават на Заев и младите веднаш бараат оставка на владините функционери. Попов ги повика сите подмладоци на другите партии за да застанат рамо до рамо со УМС на ВМРО-ДПМНЕ и да се спротивстават на Заев и неговата екипа.