„Во оваа фаза за прочистувањето на правосудниот систем не сме зборувале со опозицијата, прво се консултираме со Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, а потоа целата работа ќе оди во собранието и тогаш ќе се вклучи и опозицијата. Но, овој процес не сакаме да биде политички, туку да има мерливи критериуми, општо прифатени.“ изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ, во вестите на Сител. Во контекст на прочистувањето напомена дека Концептот е во завршна фаза и наскоро ќе биде објавен во јавноста. „За првите 100 дена од Владата рековме дека ќе го подготвиме Концептот за прочистување во судството, затоа што ветингот како процес го отфрливме. Се финишира со Концептот за прочистување и деновиве ќе го објавиме. Има и други фактори кои треба да се изјаснат околу Концептот, како советите на судиите и на јавните обвинители, потоа треба да се усвојат методологии, како таа за сложеност на предметите, но и за оценување на судиите. До крајот на годината Советот за реформи во судството ќе може да го усвои Концептот за проверка на работата на судиите.“ изјави министерот за правда, Бојан Маричиќ. Тој потврди дека и Правилникот за оценување на јавните обвинители, кој произлегува од новиот Закон за јавно обвинителство, во следниот период, откако ќе се доработи, ќе биде усвоен. „Врз база на тој Правилник во иднина ќе се избираат, унапредуваат и разрешуваат јавни обвинители. Но, додека сме во исчекување да започнат да се применуваат сите документи, се преземаат постапки против неодговорните судии, имаме осум разрешувања, но и други 83 постапки против судии. Мислам дека треба сето тоа да го ставиме во една рамка за да може јавноста да ги види резултатите, сето тоа да биде транспарентно за да се види дека создаваме функционален систем.“- заврши Маричиќ.