Репрезентативецот Ѓуроски се излечи од коронавирус

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Стојан Ѓуроски се излечи од коронавирусот и се врати на обврските во својот матичен клуб во Шпанија.

Поради позитивен тест на Ковид-19, Ѓуроски не отпатува минатиот месец со македонската репрезентација на евро-квалификациите во Талин, кои, во меѓувреме беа откажани, поради неколкумина позитивни на коронавирус во „црвено-жолтиот” табор.

– Добив негативен тест на последната медицинска проверка. Веќе почнав со тренинзи, и тоа е во овој момент најдобрата можна вест која можев да ја добијам. И претходно немав симптоми, но поради позитивниот тест морав да останам во изолација, и без тренинзи со екипата, но и оние предвидени настапи за нашиот национален тим во Талин, кои за жал, не ги одигравме, изјави Ѓуроски за официјалниот сајт на македонската кошаркарска Федерација (КФСМ). 

Македонскиот репрезентативец се очекува в недела да се врати во составот на ХЛА Аликанте за мечот против Гранада во шпанската Втора лига, во која тимот на Ѓуроски има максимален скор во воведните шест кола.

Треба да знаете
Последни објави