Спасовски во посета на реконструираниот објект на Полициското одделение во Жеровјане

Денеска министерот Оливер Спасовски, заедно со заменик на  министерот Назим Буши, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, заменик директорот на БЈБ Ариф Асани и други високи полициски функционери извршија  увид на реализираните градежни работи во реконструираниот објект во кој е сместено Полициското одделение од општа надлежност во Жеровјане.

Во изјавата за медиумите, министерот Спасовски потенцираше дека досегашниот објект на Полициското одделение беше во амортизирана состојба, која не беше согласно професионалните услови за работа на полициските службеници во ова полициското одделение.

„Во постапката на реконструкција на објектот изведени се голем дел градежно-занаетчиски работи: целосна замена на старите дрвени со ПВЦ прозорци, што ќе придонесе за зголемување на енергетската ефикасност и поголеми заштеди, изработена е нова фасада, извршена е целосна санација на санитарните јазли и замена на внатрешните врати со нови, монтиран е нов влезен портал, инсталирано парно греење, кое ќе придонесе во подобрување на условите за работа, од една страна, но и зачувување на животната средина од аерозагадување, од друга. Направено е целосно внатрешно реновирање, а надворешниот дел околу објектот е уреден со поставување на бекатон плочки и заштитна ограда. Вредноста на споменативе градежни активности во процесот на реконструкција на објектот е 2.526.363.00 денари или околу 40.747 евра, а добар дел од овие средства во висина од 18.700 евра беа обезбедени од донации од граѓани, на кои во ова пригода искрено им се заблагодарувам“, потенцираше министерот Спасовски.

Министерот истакна дека интегритетот, опременоста, статусот и осовременувањето на работата на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен.

„Како Министерство и како Влада посветени сме кон целосно остварување на планираните системски реформи, преку целосна реализација на тој императив“, рече Спасовски, додавајќи дека и во наредната година ќе се продолжи со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, како и набавка на оружје, муниција, заштитна опрема, бидејќи на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење.

Министерот Спасовски, заедно со соработниците, одржаа и кратка средба со раководството на Полициското одделение, при што командирот Насер Зенуни информираше за високиот степен  на реализација на расветлени кривични дела во текот на 2020, истакнувајќи дека по службена должност од 40 пријавени кривични дела, 29 се реализирани, односно поднесени се соодветни пријави против сторителите, а од 24 пријавени кривични дела кои се водат по приватна тужба,  реализирани се 18. Кај 11-те пријавени прекршоци против јавниот ред и мир, пак, се бележи стопроцентна реализација.

На граѓаните кои донираа средства и помогнаа во реконструкцијата на објектот во Полициското одделение Жеровјане, министерот Спасовски им додели  благодарници.

Треба да знаете
Последни објави