Известувањата во некои медиуми дека Холандија ѝ дала поддршка на Бугарија во блокирањето на преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ се целосно неосновани и лажни вести, реагираа од холандската амбасада во Скопје, објави „360степени“.
„На 30 октомври 2020 година, владата на Холандија го информира холандскиот парламент за својата одлука дека првата меѓувладина конференција за Северна Македонија може да се одржи. Овој став останува, се разбира, непроменет. Холандија сметаше и сѐ уште смета дека Северна Македонија има постигнато добар напредок и дека меѓувладината конференција може да се одржи веднаш штом ќе се усвои преговарачката рамка,се вели во соопштението на амбасадата.
Претходно, бугарскиот весник „24 часа“, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека Данска и Холандија се двете земји кои се приклучија кон бугарското вето за Северна Македонија.