Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи, на новинарско прашање во однос на работата на специјалниот владин претставник за Бугарија, Владо Бучковски, рече дека предлогот за негово назначување било на МНР, во координација со премиерот, а со цел да се додадат дополнителни механизми во враќање на довербата и создавање на предвидливост во имплементација на Договорот, во услови кога немаме амбасадор во Софија.
– Мислам дека улогата на еден таков мост на комуникација, од профилот на поранешен премиер ќе даде порака дека сме сериозно посветени на билатералните односи и имплементација на Договроот. Но, мислам дека ќе биде и добра можност за интензивирање на комуникацијата, изјави Османи.
Тој посочи дека се прават аранжамни за негово заминување во Софија, и веќе идната недела да може да ги има првите средби.
– За што се разговара, веќе рамката е утврдена уште од 2017 година во Договорот за добрососедство. Во моментот и работните групи и јас и премиерот разговараме за надминување на разликите во очекувањата и во погледите по однос на прашњата. Се надевам дека Бучковски ќе биде примен во Бугарија на највисоко можно ниво за да може да разговараме отворено за можностите за надминување на разликите уште сега, за да може да пристапиме кон одржување на првата меѓувладина седница, изјави Османи.
Тој посочи дека Бучковски ќе работи под инструкции и во рамки на МНР и Владата, а аранжманите за неговите посети и средби ги прави Министерството , во координација со него.