Растат услугите на финансиските друштва, но пандемијата ги погоди и нив

Во организација на Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија, денеска се одржа презентација на резултатите од второто годишно истражување за индустријата на небанкарските финансиски друштва. Истражувањето беше спроведено во текот на октомври и ноември, од страна на Маја Кадиевска-Војновиќ, финансиски експерт, поранешен вицегувернер задолжен за Секторот на операции на финансиски пазари и платни системи и тековно, предавач на Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Истражувањето опфати квалитативна и квантитативна деск анализа на податоци од официјални извори и преку Анкета, која што беше дистрибуирана до сите небанкарски финансиски друштва.

Учеството на активата на финансиските друштва во вкупната актива на финансискиот сектор е сѐ уште ниско и на крајот од 2019 година изнесува 0,6% (0,2% во 2015 г.). Банките, ја задржуваат доминантна позиција во финансискиот сектор, но нивното учество се намалува за сметка на учеството на задолжителните пензиски фондови, инвестициските фондови, друштвата за животно осигурување, како и заради растот на финансиските друштва.

„Во последните четири години, активата и бруто кредити на овој сектор растат за 4,7 пати, односно за 2,5 пати што е највисок раст во рамки на домашниот финансиски сектор. И покрај сѐ уште ниското учество во вкупната кредитна активност, резултатите од истражувањето посочуваат дека небанкарските финансиски друштва имаат сѐ поголемо значење за домашната економија, отсликувајќи ја потребата за повисока финансиска вклученост на одредени слоеви на населението и малите фирми. Ваквата улога ја преземаат финансиските друштва, кои се комплементарни на традиционалните финансиски институции.“, изјави Маја Кадиевска-Војновиќ.

Најголем дел од активностите на небанкарските финансиски друштва се однесуваат на обезбедување на кредити на физички лица – 76,3%, чијашто просечна вредност во 2019 година изнесуваше 260 евра.  Вредноста на активните договори на физички лица во последните четири години е зголемена за 2,4 пати, додека за правните лица за 3 пати. Притоа, бројот на клиенти – физички лица значајно се зголеми, од 14.409 во 2015 година на 99.486 во 2019 година. Ваквата високо дивезифицирана структура на клиенти е поволна за финансиските друштва како во поглед на постигнување на поголем обем на кредитирање, така и во поглед на намалување на изложеноста кон кредитниот ризик. И покрај тоа што бројот на клиенти – правни лица не расте со динамика како кај населението, сепак трикратниот раст на вредноста на кредитите од финансиските друштва кон овој сектор е значаен и посочува на силна поддршка на фирмите. Имајќи ги предвид овие движења, обемот на кредити што финансиските друштва ги одобруваат не е значаен во вкупниот долг на домаќинствата и на корпоративниот сектор.

Здравствената кризата со Ковид-19 имаше силен негативен ефект врз билансите на сите сектори во економијата. Согласно официјалните податоци, заклучно со вториот квартал од 2020 година, активата на финансиските друштва бележи намалување од 260 милиони денари во однос на крајот на март 2020 година.

„Негативните ефекти од кризата, како и строгата регулатива во текот на вонредната состојба и по неа, условија значајно нарушување на билансите на финансиските друштва. Истите се соочија со нарушување на ликвидноста и со загуби во работењето, што услови преструктурирање на операциите, ревидирање на оперативните трошоци, кај некои и намалување на вработените и затворање на дел од операциите/подружниците. Воедно истите се соочуваат со ограничени можности за финансирање преку кредитни линии од странство или од домашните банки, што ја прави уште потешка нивната финансиска состојба и можноста за понатамошна поддршка на приватниот сектор. Најголемо намалување има кај кредитите на физичките лица (за 283 милиони денари), додека кредитите на фирмите бележат мал раст.

Ваквите трендови не се поволни од аспект на улогата којашто ја имаат кај одреден сегмент од населението. Во услови кога расположливиот доход на населението ќе биде намален (заради намалувања на плати, скратено работно време, отпуштања, намалени дознаки и сл.), кредитната побарувачка во мали износи треба да земе замав.” – додава Кадиевска-Војновиќ

Во рамките на истражувањето беше реализирана и Анкета, преку која за првпат се даде можност да се слушнат размислувањата на менаџерите од оваа индустрија. Анкетата опфати прашања кои категоризирани во три дела, ги собраа податоците и мислењата на чинителите од секторот во поглед на податоци за индустријата, бизнис клима и очекувања и состојбата на финтек индустријата.

 

За наредните дванаесет месеци, очекувањата на небанкарските финансиски друштва се дека состојбата во економијата ќе биде стабилна, но сѐ уште под влијание на Ковид-19 кризата. Дел од испитаниците сметаат дека состојбата може и да се влошува, а негативни се очекувањата како за невработеноста, така и за нивото на платите. Поголем дел од секторот мислат дека во наредниот период Владата нема или делумно ќе обезбеди стабилни економски политики на претприемачите, во контекст на даночната политика и владеење на право. Во однос на политиките и регулативата за поддршка на развојот на финтек индустријата, повеќе од половината не ​​очекуваат некакви промени, а мал е процентот на испитаници кои сметаат дека финтек индустријата ќе има поддршка од Владата.

 

Одговорите од спроведената Анкета на небанкарските финансиските друштва може да се класифицираат во две поголеми области за внимание, односно, Унапредување на соработката со релевантните државни органи и институции, и регулативата; и Зголемување на репутацијата и имиџот на финтек индустријата, за кои, Кадиевска-Војновиќ посочи:

 

„Подобрување на соработката помеѓу финансиските друштва и државните органи и институции со цел утврдување на заедничките цели е повеќе од евидентна. Постоењето на небанкарските финансиски друштва го зголемува степенот на финансиска интермедијација, односно ја зголемува финансиската инклузија и токму затоа, секторот треба целосно да биде консултиран и инволвиран при носење на регулатива за развој на финтек индустријата во Република Северна Македонија на долг рок, а која земјата се стреми да ја усогласи со ЕУ. Исто така, неопходно е еднаков регулаторен третман на сите учесници на кредитниот пазар, но и развој на нови можности за дигитален пристап до информации од различни бази на податоци за кредитоспособноста на населението и фирмите.

Во исто време, перцепцијата на испитаниците за ниската репутација на индустријата се наоѓа во „рацете“ на сите засегнати страни, односно, повеќето финансиски друштва сметаат дека преку континуирана соработка во рамки на индустријата и преку заеднички настап пред регулаторот може да се подобри комуникацијата и меѓусебното разбирање и соодветно, настап пред населението и регулаторот. За крај, но не помалку важно, дигитализацијата и примената на најновите технолошки достигнувања во финансиите ќе биде новата нормала, како кај новоформираните финансиски институции, така и кај веќе постоечките традиционални финансиски институции, што претставува водечка предиспозиција за јакнење на имиџот  и репутацијата на небанкарските финансиски друштва, сега перципирани како двигатели на Финтек индустријата во нашата земја “

 

Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија во која членуваат дел од финансиските друштва, ја обединува финансиската технологија, позната како Финтек. Мисијата на Асоцијацијата е да создаде сигурна и одговорна индустрија и пракса, истовремено објаснувајќи ѝ ги на пошироката јавност разните можности кои алтернативните финансиски услуги можат да ги понудат за развој на поединци и на општеството како целина. Оттука и во насока на унапредување на индустријата на македонскиот финансиски пазар, Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија презема иницијатива за добивање на веродостојни информации од кредибилни истражувачи во насока на креирање на одговорен развој, како што е ова истражување. Плановите на Асоцијацијата се овој тип на истражувања да се спроведуваат на годишно ниво, со цел да ја следат динамиката на индустријата и да пласираат транспарентни и релевантни информации за општеството и засегнатите страни, како и да поттикнуваат теми кои се од значење за целокупната индустрија, со што ќе се позиционира како релевантен извор на информации.

 

Повеќе информации за Асоцијацијата на финансиски друштва на Северна Македонија се достапни на веб страницата www.afd.mk

 

Треба да знаете
Последни објави