„Ворнер Брос Пикчрс Груп” (Warner Brоs Pictures Group), една од најголемите светски филмски компании, синоќа во соопштение за јавноста посочи дека сите премиери во 2021 година ќе ги пушта во исто време во кино-салите и на стриминг сервисот Ејч-Би-О Макс (HBO Max).
– Хибридниот модел е создаден како стратегиски одговор на последиците од тековната глобална пандемија, посебно во САД, соопштија од компанијата.
Едновремено со премиерата на големите екрани, филмот ќе биде пуштен и на HBO Max и ќе може да се гледа цел месец, по што ќе биде привремено недостапен.
„Ворнер Брос” в година планира 17 филмски премиери, меѓу кои и филмовите „Дуна”, „Одред на самоубијци” и „Матрикс 4″.
Преминот на големите филмски компании на овој модел покажува низ колку значајна промена поминува филмскиот пазар, а ова е дополнителен удар врз кино-салите, кои и така оваа година претрпеа огромни загуби.
– Ние сме првите кои сакаме да ги вратиме филмовите на големиот екран. Знаеме дека новите содржини се основа за живот на кино-салите, но треба да се соочиме со фактот дека мнозинство кино-сали во САД во 2021 година најверојатно ќе работи со намален капацитет, изјави Ен Сарноф, генерален директор на Ворнер Медиа Студиос И Нетворкс Груп (WarnerMedia Studios and Networks Group).
И филмската компанија „Вол Дизни” (Walt Disney) претходно објави за реорганизација, со тоа што се сврти на сопствениот стриминг сервис Дизни Плус (Disney+), и веќе оваа година почна да пушта нови филмови пред сè на овој сервис.