Министерство за надворешни работи на Данска ги демантира вестите дека го поддржува ветото на Бугарија за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ, посочуваат од данското Министерство за надворешни работи.
-Информациите објавени во бугарските медиуми кои укажуваат на тоа дека Данска се приклучила кон ветото на Бугарија за пристапните преговорите на Северна Македонија во ЕУ не се точни. Данска ги поддржува актуелните предлози на Европската Комисија во однос на преговарачката рамка со Албанија и со Северна Македонија и тоа многу јасно го соопшти на сите форуми за преговори. Данска е подготвена да ги прифати овие преговарачки рамки, наведуваат од данското МНР, објави sdk.mk.
Од Министерството, како што се посочува во веста, потенцирале дека Данска, дополнително, ја поддржува европската перспектива на сите земји на Западен Балкан.
-Во овој поглед, Данска го поддржува почетокот на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија, откако ќе бидат исполнети условите утврдени од Советот за општи работи во март 2020 година, велат од Министерството за надворешни работи на Данска.